Ова се завршни зборови на човек кој цел живот го водело срцето, а никогаш разумот. Со оваа реченица Игор Југ го започна неговото завршно излагање во Кривичниот суд како обвинет за настаните од 27 април 2017. Тој прво зборуваше за неговото семејство, за титовата идеологија со која растел и за десничарската идеологија во која тој верува.
Тој зборуваше и за амнестијата за која рече дека политички елити се дрзнаале да бидат главен фактор во утврдување на вината и ги амнестирале тие за кои виделе дека се корисни. Затоа рече, не му паднало на памет да бара амнестија.
– И порано се давале амнестии, биле општи, ги опфаќала сите инволвирани. Ова беше чиста селективна амнестија – рече Југ, додавајќи дека господарите останале по дома, а простата раја за по затвор.
– Најсимптоматично е како јас се најдов помеѓу обвинетите. Прво, поради мојот физички изглед, висок ќелав, со над 100 килограми со црна брада до градите. Додуша, во затвор ми побеле. Со симбол на ХОС на маицата. Јас бев главен лик на сите ТВ канали. Не правев ништо, а бев бомбастична вест – рече Југ.
Тој рече дека е претставен како чудовиште кое го креирале шпиуните и медиумите.
– Кога ме апсеа, како да се апсеа Пабло Ескобар или Осама бин Ладен. Сите улици во Куманово беа затворени, се апсеше усташот што требаше да го убие Заев. Ми направија претрес на кој Велија и А1 може да ми завидат. Не најдоа ништо. Ме притворија за учество во толпа, а на крај завршив како терорист – рече Југ.
Тој зборуваше и за обвинувањата кои му се ставаат на товар дека бил со пиштол и требало да го убие Зоран Заев.
– Кој човек ќе најми ветеринарен техничари за да убие премиер? Кој ја издал наредбата за атентатот? Зошто не се најде тој човек? – праша Југ.
Ако имате информација и докази дека некој тоа треба да го направи, рече Југ, сигурно имате информации дека некој го барал тоа. – Никој не го спомна налагодавачот. Кој е тој човек и зошто не е притворен? Кога не се знае кој, овие оптужби се само чаршиски муабети и клевети – кажа обвинетиот.
Во неговите опширни заврши зборови тој кажа и оти дента не бил во Дион со Нинџа туку пред Собранието, а тоа може да се види на снимките од дроновите. Југ кажа и оти Нинџа не го повикал на протестот на 27 април, дошол сам и немало потреба никој да го повика зошто сите бруеле дека дента нелегално ќе се бира претседател на Собранието. Тој ги оспоруваше и исказите на сведоците, а за првпат се расплака во судница зборувајќи прво за неговиот починат син, а потоа и за ќерката која му се родила додека е во притвор и на 6-ти месецов направила една година, а тој не ја видел сѐ уште.
– Време е да и се стави крај на оваа голгота. Време е да се пресече чесно и праведно. Време е еднаш да се случи и кај нас правото да ја победи политиката. Доволно пиуни се жртвувани. Доста е – рече Југ.
Завршни зборови во овој судски процес останаа да кажат уште четворица обвинети, меѓу кои и Александар Василевски Нинџа.
Следното рочиште е закажано за во четврток.