Ќосето: Како сум мобилизирал членство ако од 73 обвинети само јас сум од Велес?

923

Горанче Ангеловски Ќосето е уште еден обвинет кој денеска во судот даде завршни зборови за 27 април. Тој кажа дека како вработен во велешко Водовод односно дел од администрација 2-3 години одел на протести, а бил и дел од проектот За заедничка Македонија.

Неговото патриотско здружение ,,Ќосето” рече дека е формирано околу година пред 27 април 2017 и оти тоа дејствувале само во чествување на загинатите борци во Илинденското востание и на АСНОМ.

– Обвинителството ме обвинува дека сум го мобилизирале членството. Единствени од здружението во Скопје на 27 април бевме јас и амнестираниот Илија Славески. Од 73 луѓе обвинети за немилите настани во Собранието, останав само јас од Велес. Не знам како сум го мобилизирал членството – рече Ќосето.

Тој кажа дека дента бил во „Дион“, со Нинџа таму само се поздравил и не биле заедно. Кон Собранието тој кажа дека оделе без инструкции и никој не им рекол дека треба да влезат. Ќосето раскажуваше што правел во Собранието, каде бил и што се случувало. Кога излегол од таму, како што кажа, отишол во Жена Парк.

– За 10 минути ми пријде Горан Бошковски, ми рече: „Ќе одиш да му помогнеш на Сашо Марковски во Собранието, има нешто работа, да го обезбедиш да не го нападнат, бидејќи луѓето демонстранти те познаваат тебе”. Тогаш првпат го видов Марковски. Ми даде капа и моторола. Со нас дојде и Оливер Радулов. Отидовме од влезот „Винер“ во Собранието- раскажуваше Ќосето.

Кај пријавницата во Собранието била вработената во обезбедувањето која сведочеше за влезот во мониторинг собата од каде беа избришани снимките од безбедносните камери.

– Влегов во пријавницата Сашо Марковски ми рече ти остани тука ние имаме работа. Отидоа, излегоа од вратата. Не знам каде отидоа – рече Ангеловски.

Додека чекал му се јавил на Никола Митревски Кољо и му рекол дека не може да ги чека по Марковски и Радулов. Тогаш почнале и шок бомбите со интервенција на полицијата. Ќосето рече дека застанал во ќош ја спуштил капата за да не го препознаат. Двајцата кои ги чекал рече дека се вратиле, но не носеле ништо. Полицијата, како што рече, почнала да ги дроби од ќотек дел од демонстрантите, а некој го видел него и рекол „Горан бе, Горан, помогни”.

– Се сокрив со капата уште повеќе за да не ме зберат и мене со ќотек. Се преправам дека зборувам на моторолата – рече Ќосето. Тој на крај кажа дека за 27 април има само една вистина и дека жали за настаните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...