Српскиот претседател Алекандар Вучиќ денеска изјави дека „нема ништо против“ средбите на лидерите на опозицијата во Србија со странски високи претставници.
– Немам ништо против тоа. Тој се виде и со Сандуловиќ, тоа е веројатно истото друштво… Имаше уште некои контроверзни бизнисмени таму на вечерата. Но, тоа е се во ред, нормално… Се состануваат претставници на власта со опозицијата, власт со власта… што е тука чудно сега, сѐ е во ред – изјави Вучиќ запрашан да ја коментира средбата на српскиот опозициски лидер Драган Ѓилас со премиерот Зоран Заев, како и за тоа „дали Скопје е станат нов центар за уривање на неговата власт“.
Одговарајќи на повеќе новинарски прашања, Вучиќ истакна дека проблемот е во тоа што Ѓилас најави формирање на партија од социјалдемократска ориентација, што, како што оцени, е цинизам.
– Каде токму баш ти, кој цинизам… Ти кој имаше 500 милиони евра приходи, најлошиот капиталист и тајкун, ги уништивте работниците, ограбивте фабрики и сега ќе формирате социјалдемократска партија – изјави Вучиќ.
Тој додаде дека, на крајот на краиштата, народот ќе одлучи кој ќе биде на власт, а кој во опозиција.
– Луѓето ќе имаат можност да го сторат тоа на избори и наскоро за ова ќе донесам одлука – рече Вучиќ.
Тој рече дека е можно избори да се одржат побрзо од предвиденото, доколку ситуацијата во врска со Косово остане непроменета, односно ако Приштина не ги укине таксите со што разговорите нема да продолжат.