Јане Ченто, обвинет за 27 април, во неговите заврши зборови во овој судски процес, кажа дека му било понудено да биде заштитен сведок и да сведочи лажно.
– Ова чекав да го кажам 16 месеци. Ми беше понудено да прифатам да бидам заштитен сведок ама за тоа требаше да читам од лист хартија однапред напишано. Во спротивно, ми кажаа, ќе зажалам. Одбив лажно да сведочам и по месец дена бев уапсен – рече Ченто.
Тој во неговото излагање зборуваше за патриотските здруженија кои кажа дека во март 2017 одржале состанок во Велес, а потоа бил повикан и од директорот на УБК на кого, рече Ченто, му објаснил дека тие не се никаква паравојска туку се формирани според закон. Директорот му рекол да се види со Александар Василевски Нинџа, Ченто се сретнал и му го кажал истото, а Нинџа му рекол да нема никакви провокации на протестите.
Но, на 27 април, тврди Ченто не се слушнал со Нинџа ниту пак имал каква било поврзаност со УБК.
– Како од оган, вели Ченто, сум бегал од УБК. Затоа, потенцира одбил да се вработи таму кога ја напуштил работата во Влада и се вратил на работа во Прилеп.
Обвинетиот негираше било каква поврзаност со Чавков за организација на 27 април, како и со обвинетите од другите патриотски здруженија, Игор Југ, Горан Ангелов Ќосето… Со нив се сретнал на состанокот во Велес, но не организирале ништо за 27 април туку дента првпат ги видел во Собрание што, рече тој, се гледа и од снимките.
– Лага е дека сум го удрил Села со црвен чадор и дека сум се радувал заради тоа – вели Ченто.
Тој кажа и оти Зоран Заев во неговото сведочење не кажал дека и по него го удрил во стомак.
– Несвесно можеби сум замавнал кон Заев и жалам за тоа. Бев и во Влада кај Рашковски да се извинам за тоа- рече Ченто. Лага до лага, според него, е и сведочењето на заштитениот сведок С1. Тој во неговите завршни зборови е дециден дека тоа што се случило на 27 април не било тероризам. Се уште е во тек неговото завршно обраќање пред судечкиот совет во кое тој анализира искази од сведоците и сегменти од видео снимките.