Одбраната бара ослободителна пресуда за Тачи и Ибрахими, се повика на аболицијата на Иванов

142
ФОТО: МИА

Во Кривичниот суд во Скопје денеска завшен збор имаше адвокатот Елвир Исени, бранител на обвинетите Мендух Тачи и Бедредин Ибраими, кои во предметот „Титаник2“ на СЈО се товарат за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Адвокатот Исени побара ослободителна пресуда за лидерот на ДПА Мендух Тачи и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими.

Според него, судот треба да донесе ослободителна пресуда бидејќи веќе е факт дека обвинението е поднесено неовластено и по истекот на периодот од 18 месеци, одреден за поднесување обвиненија од СЈО.

– Не може да се смета како општо познато кога се примени материјалите, како што наведе обвинителството, туку овој факт треба да се утврди со доказ и тоа е записник за примопредавање. Следна причина за ослободување е фактот дека двајцата се аболицирани од претседателот на државата – рече Исени.

Ако судот не го прифати горенаведеното, Исени предложи судот да донесе ослободителна пресуда бидејќи од изнесените докази, според нив, не се докажа кривичното дело што им се става на товар на обвинетите.

– Обвинението се потпира на снимени разговори, доказ прибавен на незаконит начин. Ова не е доказ на кој може да се заснова пресуда. Симптоматично е дека не се предложени и изнесени и други разговори меѓу други членови на комисијата – рече Исени.

Обвинетиот Бедредин Ибраими, во својот завршен збор додаде дека СЈО со инсуниации и претпоставки врши правна конструкција за наводно оштетување на државата, преку повторување на изборите на избирачкото место во Струмица.

– Дополнително, верувајќи во новоформираното СЈО, јас јавно ја одбив аболицијата од претседателот на државата – рече Ибрахими во судот.

Случајот „Титаник 2“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.

Во овој предмет обвинети се и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешните членови на ДИК: Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Обвинителката Фатиме Фетаи во завршни зборови побара осудителна пресуда за сите обвинети.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...