Министерството за здравство соопшти дека по завршувањето на студиите на Медицинскиот факултет студентите ќе добијат можност за практична работа во здравствените домови во Република Северна Македонија. Ова, како што посочуваат од Министерството, е последна новина во низата промени за повисок стандард и подобри услови на здравствените работници во земјава.
– Како што најавивме пред неколку дена успеавме да направиме модел каде секој студент ќе добие можност за практична настава во здравствените установи. Ова е само еден од многуте чекори кои ги презема Министерството за здравство за подобрување на условите на медицинскиот кадар во земјава – изјавил министерот за здравство, Венко Филипче по средбата со трите здруженија на лекари специјализанти.
Од Министерството информираат дека претставниците од здруженијата ги поддржале предлозите на министерот и се согласиле да бидат дел од процесите со кои ќе се реализира предлогот сите лекари штом ќе добијат лиценца, веднаш да им се даде можност шест месеци да добијат платена практична работа во Итната медицинска помош, во вакциналните пунктови и поливалентните патронажни служби.
Министерството за здравство од јануари годинава ја зголеми и основната плата на здравствените работници, здравствените соработници и помошниот технички персонал во здравството. Зголемувањето се движи од пет до 10 проценти, при што кај лекарите-специјалисти е 10 отсто, за медицинските сестри на клиниките – осум проценти, а останатите медицински сестри добиваат зголемување од пет проценти. Сите останати здравствени работници добиваат петпроцентно зголемување. За администрацијата во здравството, пак, е предвидено зголемување на основната плата од пет проценти од септември, годинава.
Коефициентот за дежурства е коригиран во сооднос со зголемената основна плата при што надоместоците за дежурствата на лекарите остануваат на исто ниво како што било пред зголемување на основната плата. Како дополнување на мерките за подобрување на состојбата, Министерството за здравство, минатата година првпат обезбеди и средства за вложениот труд на специјализантите. Тие сега земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, стои во соопштението.