Политичката дискриминација најчеста во земјава

99
ФОТО: МИА

Политичката дискриминација врз основ на припадност или симпатизирање на одредена политичка партија, а согласно тоа потоа и остварување на одредени бенефиции при вработување или други права е најчестиот облик на дискриминација во земјава.

Најголем број од случаите кои се пријавени во Комисијата за заштита од диксриминација се однесуваат токму политичка диксриминација во работните односи, а Марија Ристеска, директор на Центарот за истражување и креирање политики на денешната Четврта сесија на Работната група два – социјална политика и вработување во рамки на Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија, посочи дека граѓани кои при вработувањето се соочуваат со ова треба да се чувствуваат дискриминирани и да ги користат механизмите за заштита.

– Има секаков вид дискриминација, а според работата на Комисијата за заштита од дискриминација најмногу има политичка дискриминација. Тоа зборува за поларизацијата во нашето општество и се надевам дека ќе созрееме и ќе ги надминеме политичките поделби и дека со новиот закон за заштита од дискриминација ќе обезбедиме ефективни механизми за заштита – истакна Ристеска.

Таа напомена дека државата мора да одлучи каков модел на јавна администрација ќе воспостави.

– Треба да се донесе одлука дали ќе имаме политички модел на јавна администрација или ќе имаме како францускиот модел, каде има професионална компетентна јавна администрација, која е ослободена од политизација. Ако се одлучиме за германскиот модел за целосна политизација на администрацијата, тоа треба јавно да го кажеме, да го спроведуваме и тогаш нема да имаме случаи на диксриминација, тогаш ќе знаеме дека патот за вработување во јавниот сектор е преку политичките партии – истакна Ристеска.

Комисијата за спречување на дискриминација секако добива и други претставки токму по оваа основа, но има претставки и за дискриминација поради сексуална ориентација, верска и етничка припадност.

Во однос на родовата дискриминација, вели таа, недостасуваат основите за препознавање на дискриминаторското однесување, но и можноста да се докаже дека сте дискриминирани по таа основа.

Дел од препораките, кои произлегоа од Четвртата сесија, е зајакнување на механизмот за еднакви можности на жените и мажите со прецизно утврдени законски надлежности и унапредување на статусот на владиниот механизам (СЕМ) во секретаријат во Владата, вклучување на принципот на еднаквост и недискриминација во процесот на колективно договарање и донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Јармила Лајчакова, словачка експертка од невладиниот Центар за истражување на етнички заедници и култура истакна дека Словачка од 2004 година има закон за заштита од дискриминација, кој бил одлично оценет од ЕК, но сепак проблемот бил и се уште е имплементацијата.

Таа препорача тренинзи за судиите и јавните обвинители со цел да разберат што претставува дискриминацијата, во нејзините различни форми за да можат понатаму правилно да го применат законот.

Јована Тренчевска, државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика, која е копретседавач на Работната група два, истакна дека при креирањето на политиките треба да се земе предвид дека различните општествени групи немаат исти приоритети, интереси и потреби поради што не може да се третираат на ист начин. Таа напомена дека постои голема разлика меѓу ист и еднаков третман и додаде дека политиките треба да се креираат врз основа на принципот на еднаков третман.

Тренчевска истакна дека земјава има добро заокружена законска и институционална рамка во делот на еднаквите можности и недискриминацијата и потсети дека во 2006 година беше донесен и првиот закон за еднави можности меѓу мажите и жените, кој оттогаш претрпувал измени и усогласувања со европското законодавство.

Треба подобрување во оваа сфера, смета таа и додава дека сепак земјава се движи на вистинскиот пат да создаде општество кое нема да толерира дискриминација по која било основа.

-Потврда дека сме на вистинскиот пат и дека можеме да направиме повеќе е ратфикацијата на Истанбулската конвенција, која е важен меѓународен инструмент во делот на сузбивањето на насилството врз жените и семејното насилство, додаде Тренчевска.

Националната конвенција за ЕУ е специфичен инструмент, преку кој целото општество се вклучува во процесот на интеграција на земјата во Унијата со обезбедување партнерски однос меѓу владата и граѓаните преставени преку бизнисите, бизнис асоцијациите, синдикатите, граѓанските непрофитни организации, академската заедицата.  Работната група два – социјална политика и вработување се однесува на Поглавјето 19 од преговорите со ЕУ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...