Верувам и се уште верувам во каузата. Се плашев за иднината на мојата земја и се уште се плашам. Се плашам дека државата ми ја украде татковината, рече Игор Дурловски во неговите завршни зборови за 27 април.
Но, порача тој, дека за неговоте ставовите не може да го осудат.
– Можете како луѓе да се согласувате или не со мене, може да ви се гадам поради тоа, но не можете да ме осудите за тоа, бидејќи вие сте судии. Во моментов кога ја носите одлуката, државата ни е поделена на наши и ваши, но судот ја има задачата да прати порака дека тука сме сите исти без разлика на ставовите – порача Дурловски.
Тој потенцираше дека обвинителството го товари за две работи: дека држел потпалувачки говори и дека се коцкал со државните интереси за некоја материјална корист.
– Кога ќе ја носите одлуката, запрашајте се кој е тој потпалувачки говор? Со кои зборови сум повикувал рушење на уставниот поредок? На 27 април ја пеев химната на Република Македонија и заминав на ракометна утакмица со мојот син. Кога се влегуваше во Собранието јас бев пред спортската сала. Кога видов што се случува се вратив кај Собранието. Бев таму, но не држев говор. Ако само за присуство во Собрание сметате дека сум виновен, осудете ме – рече Дурловски.
Тој го оспори и сведочењето на Курто Дудуш кој кажа дека мисли оти го видел Дурловски пред прес салата и им рекол на демонстрантите дека тој не е од нивните.
– Го видовте и слушнавте Курто Дудуш како зборува со несигурност и се двоуми. Вели дека мисли оти ме видел. Ве уверувам дека греши. Од кои причини го направи тоа нека остане на неговата совест, ако ја има- рече обвинетиот пејач.
Тој го побиваше и тврдењето дека се коцкал со државнитр интереси за некоја материјална корист.
– Дури и да сум најнеморалната личност која протестира за пари, дури и да сум измамувал луѓе да протестираат, кога ќе ја носите одлуката ве молам запрашајте се дали постои било каков доказ за тоа? Дали постои доказ дека сум знаел за тоа што ќе се случува на 27 април? Нема да најдете – рече Дурловски.
Поради тоа што обвинителството нема докази за него, рече тој, не побарал амнестија, а не затоа што е смел. Ако има, рече тој, тогаш осудете ме.
Фото: EPA/MAJA ZLATEVSKA