АВМУ го осуди однесувањето на Бојан Јовановски кон новинарката Мери Јордановска

268

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди однесувањето на синот на сопственикот на „1ТВ“ Бојан Јовановски кој вербално и се заканил на новинарката на агенцијата „Макфакс“ Мери Јордановска поради нејзините јавни критики за емисијата „Македонски инсајдер“.

– Секој вид на притисок или закана од страна на лица на менаџерски позиции или блиски до нив врз новинари, претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање. Ваквите појави негативно се одразуваат на слободата и независноста на медиумите, водат кон појава на автоцензура и придонесуваат за уназадување на демократскиот развој на општеството, наведуваат од Агенцијата.

Оттаму напометнуваат дека согласно Законот за медиуми, новинарот има право на изнесување на свое мислење и став согласно со професионалните правила на новинарската професија, а од друга страна Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги им наложува на радиодифузерите при вршење на дејноста да ја почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредничката политика.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...