Во координирана полициска акција разбиена е организирана криминална група од лица од Скопје, Тетово и Куманово која изработувала и тргувала со оружје.
– Во неколку различни случаи документирани се продажби на вкупно десет пиштоли. При реализацијата вчера постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 13 локации, а при претресите лишени од слобода се Ф.А. (39), Б.А. (34), Н.М. (63), Ф. Ј. (32), А.А. (29), С.Н. (48), Б.М. (25) сите од Скопје и Џ.Р. (36) од Тетово и С.И. (47) од Куманово.
Од досега преземените оперативно – тактички мерки при спроведеното криминалистичко истражување вкупно пронајдени и одземени се една автоматска пушка, една ловна пушка, 16 пиштоли, муниција од различен калибар, мобилни телефони и СИМ картички.
Ф. А. и А. Б. подолг период, во работилница лоцирана во Скопје, со употреба на пригоден алат изработувале огнено оружје пиштол на тој начин што Ф. А. набавувал потребна количина на пиштоли за светлосна и звучна сигнализација, додека А.Б. во својата работилница сигналното оружје го конвертирал во огнено оружје, на начин што ја вадел цевката која што служи за испукување на гасен куршум и на нејзино место вметнувал метална цевка претежно од калибарот 7,65 мм,. Исто така, биле набавувани и други видови на огнено оружје и разни видови на муниција кои ги продавале на заинтересирани лица. По конвертирањето на оружјето, пронаоѓале заинтересирани лица и го продавале по цена од 250 до 400 евра, соопшти МВР.
Во акцијата за разбивање на криминалната група учествувале БЈБ- Единицата за сериозен криминал и тероризам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактвен материјал при Одделот за криминалистичка полиција со поддршка на ОСПО и ОКТИВ, и во координација со ОЈО за ГОКК.