Пеш преку замрзнатото Бајкалско Езеро за 13 дена (ВИДЕО)

 Тројцата авантуристи ја постигнале својата цел на 14 март, по 12 дена, 21 часа и 13 минути.

377

Британците Мајкл Стивенсон, Роб Тригвел и Скот Гилмор го соборија светскиот рекорд во најбрзо пешачење преку Бајкалското Езеро во зимски услови, додека тоа е замрзнато. Тројцата авантуристи ја постигнале својата цел на 14 март, по 12 дена, 21 часа и 13 минути.

Најстарото и најдлабоко езеро на светот се наоѓа во азискиот дел на Руската Федерација. Долго е 636 километри, и широко 80 километри. Секоја година од јануари до мај, водата е замрзната, а температурите се движат од -30 до -10 степени Целзиусови.

Британците својот пат го изоделе на скии. Секој од нив ја влечел својата храна за 16 дена, и сѐ она што им е потребно, но и отпадот кој го прават. Сето тоа вкупно тежи од 37 до 70 килограми од човек.

Просечно, тие пешачеле четири километри за еден час, а секој ден внесувале по 5.000 – 6.000 калории.

– Ова е ментална игра, а добар дел од патувањето мора да се борите и против здодевноста. Иако си со луѓе, всушност си сам, обземен од сопствените мисли – изјави Тригвел за „Давентри Експрес“.

Мајкл, Роб и Скот спиеле во шатори, а најтешки им биле последните 135 километри, кои ги минале за 36 часови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...