Бугари си купиле комбе за да ги шетаат македонските планини. Бугарката со потекло од Македонија, Мариа Атанасова, за Плусинфо вели оти земале комбе за да можат полесно да се движат низ целата наша држава.
– Си купивме ново комбе со кое се придвижуваме брзо и лесно со пријателите низ цела Македонија. Регистриравме и фирма Крушево Тур ЕООД, по името на моето мило и родно Крушево, па така веќе патуваме со нашите пријатели и ги посетуваме македонските убавини – за Плусинфо вели Мариа Атанасова, која со поголема група вчера ги посети Пехчевските водопади.
Таа ни кажа дека нејзината мајка е родена во Крушево и има влашко потекло. Нејзин вујко бил Јанко Јанакиевски, човекот кој ја напишал граматиката на влашки јазик.
Нејзиниот дедо, Алексо Иванов, исто така бил роден во Крушево и заедно со своите четворица браќа учествувал во Илинденското востание.
Таа ни раскажа оти пред да ги посетат Пехчевските водопади, слушале многу убави зборови за нив.
– Многу ни се допаднаа Пехчевските водопади, кои се една многу пријатна и блиска дестинација за нас во Бугарија. Сме ги посетувале и во останатите годишни времиња – нагласи таа.
Атанасова вели оти заедно со нејзиниот сопруг често ја посетуваат нашата земја, а има наследено и куќа во Крушево.
– На првото гостување во Пехчево, ги донесов планинарите од ТД „Планинарски орли – Драгалевци“ за искачување на врвот Кадиица и посета на Пехчевските водопади. Врвот Кадиица е навистина исто така прекрасен, човек сака да оди таму повторно. Така се роди и идејата да ја направиме акцијата за искачување на врвот меѓународна, место, каде и од бугарската и од македонската страна се искачуваат туристи и се среќаваат горе за да може да се дружат – појасни таа.
Атанасова изрази голема благодарност до Марјан Митриновски од Пехчево за неговото пријателство, посветеност и желба да ги води нашите соседи по прекрасните места во регионот на Пехчево, Малешевијата и Влаина планина. Како што рече таа, има само незаборавни спомени од дружењето со Македонците.
– Нашите фотографии на Фејсбук ќе ги примамат и останатите наши пријатели и планинарски групи да посакаат да ја почувствуваат магијата на Македонија, Пехчево и овие водопади – вели оваа планинарка и нагласи дека ќе продолжи да патува во Македонија за да ги открие сите нејзини тајни, убавини и врвови.
Од вчерашната планинарска акција беа задоволни и останатите љубители на природата од Бугарија и Македонија.
– Водопадите беа полноводни, но три од нив беа замрзнати. Маршутата беше долга околу 10 километри. Пешачевме околу пет часа во снежни, зимски услови – за Плусинфо појасни Марјан Митриновски, кој е дипломиран шумарски инженер и активен планинар веќе 24 години.
Туристичкиот локалитет се состои од пет водопади: Спиковски, Црндолски, Скокото, Љутачки и Ж’тачки.
– Највисок е Љутачки со околу 12 метри, а најнизок е Ж’тачки со околу три метри – додаде Митриновски.
Тој континуирано носи гости од странство да ги видат убавините на овие водопади.
– Постојано се најавуваат нови групи кои слушнале за ова место кај нас, па сакаат да се уверат дали гласините се точни – вели Митриновски.
Гости ни рекоа оти првите години кога ги посетиле водопадите се било убаво и средено. Она што сега и недостасувало на идилата е, како што велат, реновирање на распаднатите мостови. Жално е, велат, мостовите да бидат во таква состојба, а локалитетот да се рекламира на големо. Тие нагласуваат дека институциите треба да преземат повеќе инфраструктурни мерки, нешто што е неопходно за вистински развој на туризмот и привлекување на што повеќе љубители на природата.