Екс министерот Ахмедовски основа нова партија

759

Во Виница се одржа основачко собрание на Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), која ќе дејствува главно меѓу ромската популација од источниот регион на државата.

За претседател на партијата е избран Аксел Ахмедовски, дипломиран правник од Делчево, кој до неодамна беше министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите. Во партиското раководство влегоа и пет членови од поголемите градови од регионот.

– Конечно, по повеќе децении, Ромите од Истокот се самоорганизираа и постигнаа согласност да формираат своја партија, која ќе работи на заштита на нивните интереси и права. Нашата определба е да дејствуваме независно од другите партии, со можност за подоцнежна коалициска соработка со некоја од поголемите партиски структури. Зад нас имаме солидно гласачко тело од над десетина илјади граѓани кои ни дадоа поддршка за основањето, а веќе имаме и член на општинскиот совет во Виница – истакна Ахмедовски.

На основачкото собрание на ДПДР беше донесена одлука седиштето на партијата да биде во Делчево, а партиски подружници ќе бидат формирани во сите општини од трите изборни единици во источниот регион.

За претстојните претседателски избори допрва ќе се разгледува дали и на кој кандидат ќе му биде дадена поддршка, а во наредниот период главна задача за партиското раководство ќе биде работата на терен за да ја претстави програмата за дејствување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...