Утре во Клубот на пратениците Заев и Ахмети ќе договараат заеднички претседателски кандидат

1156

Владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети утре во Клубот на пратениците ќе договараат можен заеднички претседателски кандидат. Средбата, според информации од партиите е закажана за 12.30 часот.

По изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Ахмети повторно ќе направат обид на претседателските избори да истрчаат со заеднички кандидат, откако тоа се изјалови при првичниот обид на средбата која помеѓу двајцата лидери се оддржа неодамна.

По ова Централното претседателство на ДУИ одлучи да излезат со свој кандидат на претседателските избори, но не ја затворија целосно вратата за можен договор со СДСМ за консензуален кандидат.

Односите помеѓу владините партнери се заладија откако Заев одлучи преку оглас и на конгрес да ги озбере кандидатот за претседател, на што Ахмети му одговори дека на туѓа свадба не оди. Ахмети тогаш порача дека ДУИ нема да застане зад кандидат за претседател кој СДСМ ќе го избере на конгрес.

По бурната реакција на интегративците и одлуката дека ќе имаат свој кандидат на претседателските избори, на нова средба Заев и Ахмети ја намалија тензијата и оставија простор за можен договор за заеднички настап на претседателските избори.

Од партиите не откриваат детали дали Заев и Ахмети на утрешната средба на маса ќе стават список со имиња на кандидати за претседател кои се прифатливи и за СДСМ и за ДУИ.

Заев пред неколку дена изјави дека се потребни разговори не само со коалициските партнери туку и со вонпраламентрните партии, опозициските се со цел изнаоѓање кандидат кој би бил поддржан од сите граѓани.

– Може ќе успееме, можеби и не, но јас верувам дека треба да се обидеме да успееме заради тоа што и концептот едно општество за сите го градиме преку многу алатки и една од алатките е и токму таа како се поставуваме кон луѓето, кон функциите и слично. Јас верувам дека политичките субјекти, пред се одговорноста на коалиционите политички субјекти треба да биде на повисоко ниво, ако го тераме овој концепт навистина да смогнеме сили, да собереме енергија за сите нас, да застанеме зад кандидат за којшто граѓаните впрочем би застанале, рече Заев.

И пратеникот Артан Груби во изјава во петокот рече дека најдобро решение за граѓаните на Македонија е да има еден кандидат кој ќе биде прифатен од сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...