Во ледената сенка од трагедијата

1885
grcev

Замислен и згрчен, во ледената сенка од трагедијата што однесе премногу животи, чијшто безразложен бес уште не стивнал, свеста ми ја дразни упорното и здодевно појавување на народната поговорка „секое зло за добро“. Оваа толку често повторувана изрека – секогаш во моменти исполнети со несреќа, кога злото превладува – од многуте народни изреки што не можев да ги разберам во младоста, ми беше можеби на врвот од „мудростите“ чијашто бесмисла најмногу ја повредуваше мојата морална интуиција. Кое проклето добро, по ѓаволите, може да произлезе од превртен автобус, дузина и повеќе трагично изгубени животи, повредени што се во критична состојба, многу ужалени семејства, и несреќа и јад што кој знае колку долго ќе врежува лузни во човечките души? Иако со време најдов разбирање и објаснување за оваа народна мантра за преживување, сепак – не, никакво добро не може да произлезе од злото, барем не директно, секако не за жртвите. Ако запне човек да и најде рационална основа на поговорката, од злото трошка добро може да извлече само човечката заедница, и тоа под услов трагедијата да разбуди конструктивна решителност од несреќата да се извечат поуки за поправање на состојбите што го овозможија или предизвикаа злото. Да, почитувани читатели, единственото добро што може да произлезе од злото е поуката што ќе ја извлечеме за тоа да не се повтори.

Но, дали се луѓето способни да учат од грешките? Сите грешки што човештвото ги направило се во пазувите на минатото, та учењето од историјата би требало да биде најважната човечка дисциплина. А, како што ни кажува еден филозофски гигант – Хегел ли беше? – ако воопшто нешто научивме од историјата, тоа е дека ама баш ништо не сме научиле од неа. Па, иако учењето од минатото би требало да биде најлесниот и најефтиниот начин на учење, зашто за поуките со своите трагедии платиле другите, а не ние самите, испаѓа дека не само што тешко или никако не учиме од туѓите грешки, туку сме и прилично неспособни за учење и врз сопствените со јад и покој платени пропусти. Па, на прашањето дали македонското општество ќе научи нешто од оваа свежа трагедија, и дали со решителност и аналитичност ќе преземеме конструктивна акција што барем малку, барем симболично ќе ја намали неподносливата залудност на овие жртви, одговорот е: не знам. Или, поточно – не верувам.

При што, да се разбереме, почитувани читатели, оваа неверба не произлегува од животниот замор и песимизам, а ниту пак од циничниот увид во фактот дека Македонците сепак му припаѓаат на видот што арогонтно себе си се нарекол „сапиенс“, иако не успеал ниту еднаш во историјата да употреби разум во учењето од сопствените грешки. Невербата во нашата колективна способност да ги поправаме состојбите што самите сме ги предизвикале, произлегува од свежите искуства на денот: ние сме општество што уништило, демонтирало и ограбило поголем дел од сопствената колективна целост и посебност; што обезвреднило лавовски дел од државата и културата што ја наследивме од родителите и уште не покажавме доблест ниту да ја напишеме белата книга на нашите грешки, а камо ли подготвеност да исправиме било што суштетвено од планината грешки по чијашто каллива осојница тивко се лизгаме. Ние цврсто одлучивме  – како и во поголемиот дел од деценијата на вмровското убивање на татковината – да глумиме нормалност, всушност, да го обезбедуваме континуитетот на нашето неразумно, мрзеливо и изопачено согледување на стварноста. Поточно, на нашето одбивање да ја согледаме изопачената реалност.

Луѓето не се будат од затапеното трпење на злото кога работите се „навистина лоши“, како што виспрено наведува Жижек, туку кога ќе им стане подобро, што ќе им ги разбуди очекувањата за уште подобро – кои ќе им бидат на крајот изневерени! Примерите за ова се безбројни: во Унгарија 1956 антикомунистичката побуна изби откога Имре Наѓ обезбеди две години слободно развивање на слободниот говор, Египетската „пролет“ изби во 2011 откога Мубарак го отпочна омекнувањето на својата челична стега, сириската голгота отпочна не во времето на страховалдата на стариот Асад, туку после ѓоа демократските реформи на неговиот син. Па, и ние молчевме кога вмровската диктатура ја растураше македонската државна и културна супстанца од 2006 до 2014, а незадоволството од власта се зголемува дури сега, кога новата власт што не ослободи од прангите на диктатурата не ни го испорачува ветениот рај!? Ние не учиме од минатото, туку реагираме инстинктивно со бурно незадоволство кога условите за живот објективно ќе се подобрат, но истовремено кога нашите зголемени очекувања ќе бидат изневерени!

Без оглед на искуствата и поуките од историјата, ние реагираме како да сме првото човечко општество на планетата: кога е навистина лошо, трпиме и глумиме нормалност, во дарвинскиот опортунизам на преживувањето, но затоа го креваме гласот во гневно незадоволство – и за мали, поединечни проблеми – кога вистинската несреќа ќе биде надмината. Тој опортунизам не не двои нас – сапиенсите, од нашите „попримитивни“ роднини, бидејќи колективното паметење го заменуваме со несвестен биолошки опортунизам, адаптирање на околностите на денот. Таа ниска, безмалку биолошки базична свест – или, поточно, несвест – ни го обезбедува и континуитетот што го глумиме во однос на ужасните историски грешки што ги направивме во измината деценија од вмровската темница. Тој инстинкт на прилагодување ни го крати паметењето и не прави неспособни да ги исправиме грешките од минатото. И да произведеме некакво добро од сопствените трагедии, и од секое зло да произведеме добро.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...