Премиерите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска учествуваа на панелот „Разговор со добитниците на наградата „Евалд Фон Клајст“, што ја доделува Минхенската конференција за безбедност и која оваа година ја добија тие за нивниот особен придонес за мирот и безбедноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.
Панелот на кој во одделни дискусии настапија премиерите Заев и Ципрас, како еден од централните настани на конференцијата, беше посветен на иднината на Западен Балкан.
Заев истакна дека на денешниот панел зборуваме за регион кој се менува, кој станува сѐ повеќе европски и кој испраќа позитивни пораки и за другите.
Тој го потсети форумот во Минхен дека тој и Ципрас покажале оти со кршење на стереотипите во политиката се активираше енергија која помогна да се креираат нови правила на однесување за решавање на отворените, сложени, прашања истовремено со создавање пријателство кое создаде амбиент за решавање на проблемот што беше исправен како пречка за многу процеси меѓу двете земји.
– Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше – рече. Заев.
Ципрас, пак, нагласи дека историјата не ја пишуваат тие кои шират страв, туку тие кои се охрабруваат и создаваат решенија за генерациите што доаѓаат, и дека тој и неговиот пријател Заев ја избраа вистинската страна на историјата.
Свечениот дел од врачувањето на наградата на конференцијата „Евалд Фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се одржи вечерва на церемонија чиј домаќин е премиерот на Федералната држава Баварија, Флориан Херман.