Сите во војска, старото знаме, лавот за државен грб, плата од 850 евра – Што ветија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ?

Кандидати најмногу зборуваа за промената на името за која ставот на секој од нив е дека не го прифаќаат исто како и двојазичноста. Во продолжение ви издвојуваше што друго кажаа тие освен за Преспанскиот договор и за двојазичноста, меѓу кои ветувања имаше и поништување на Охридскиот рамковен договор, поставување на лавот за грб на државата итн.

7595

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да гласаат за избор на еден од деветте пријавени кандидати за претседател на државата. На гласачките ливчиња кандидатите се испишани по азбучен ред, според првата буква од презимето. На конвенцијата учествуваат 523 делегати.

Настанот во Струга почна напладне, во моментов траее пауза од два часа, додека трае и гласањето, по што, во 18 часот конвенцијата треба да продолжи.

Во трката за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ се: Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовски, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков.

Секој од нив имаше 15-минутни обраќања во кои ги изнесоа своите визии и програми.

Кандидати најмногу зборуваа за промената на името за која ставот на секој од нив е дека ја го прифаќаат, исто како и двојазичноста. Во продолжение ви издвојуваме што друго кажаа тие освен споменатите две работи. Меѓу останатите ветувања имаше и поништување на Охридскиот рамковен договор, поставување на лавот за грб на државата итн.

Тие зборуваа и по азбучен ред зборуваа, па прв се обрати Горан Ангелов кој е правник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и Претседател на ЗЕЛС во еден мандат.

Тој меѓу другото вети дека ќе биде секогаш со армијата и ќе се залага за зголемување на нејзиниот буџет, а најави и задолжителен воен рок.

– Можеби треба да размислуваме за воведување на краток задолжителен рок обука за чување на оваа земја. Од деца да станат мажи – рече Ангелов.

Тој најави и дека како претседател ќе биде најголемиот економски промотор.

– Да се знае кој е прв човек на дипломатијата, а тоа е претседатлеот. Треба да донесеме квалитетни странски инвестиции – рече кандидатот.

Тој зборуваше и за УБК и за Агенцијата за разузнавање велејќи дека тие треба да бидат во служба на државните интереси.

Следен кој им се обрати на делегатите беше Илија Димовски, професор во пензија на Шумарски факултет при УКИМ  во Скопје. Тој се осврна на проблемите во државата, зборуваше за субвенциите во земјоделството кои рече дека се исплаќаат нередовно, а го нагласи и проблемот со наталитетот.

– Има голем број на млади немажени и нежените, тоа значи всушност намалување на граѓанството, на раѓањето на децата – рече Димовски, кој како професор во пензија не ја заборави и неписменоста на младите, на која вети дека ќе се посвети.

Тој имаше критики и за дипломатијата.

– Дипломатијата се води инцидентно, се испраќаат дипломати – лакташи. Ако јас бидам избран ќе преземам чекори да се отвори Академија за дипломати и секој што ќе одите во странство да знае како да настапи и да ја брани својата земја – рече Димовски.

Малку, како што посочи, ќе се занимава и со народното правобранителство кое му е потребно на народот.

– Граѓаните секој ден офкаат со проблеми, а нашето правобранителство излегува со статистички податоци колкав број девојчиња забремениле – рече кандидатот.

Актуелниот пратеник Влатко Ѓорчев, пак, рече дека овој говор пред делегатите му е најважниот во животот и ја побара нивната поддршка бидејќи како што рече, знае што значат избори и што значи да се биде победник. Најави агресивна кампања со 15 настани дневно, а ако стане претседател рече дека сегде ќе ја кажува вистината за Македонија.

– Во првите три месеци ќе остварам средба со претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе појдам во Европската Комисија, во Брисел, во Берлин, секаде ќе ја кажам вистината за Македонија. Јас сум кандидат и на врмовското срце. На сите пет изборни единици кога сум бил носител на листа сме ги имале најубедливите победи. Дајте ми можност, ќе го победиме СДСМ, гласајте за победник што знае што се избори. Не може од опозиција да се победи на 27 години Никола Поповски и Тито Петковски на 29 години ако не се има стратегија како да се допре до неопределените, знам како треба. Гласајте за човек кој го знаете, што вас лично ве познава – повика Ѓорчев.

Неговата програма, рече тој, ќе биде иста како онаа на партијата, а на власта ѝ порача да не помислува на полнење гласачки кутии.

– Во врска со најважниот проблем за претседателските избори, ризикот од полнење на кутии. Лично сум бил десет пати набљудувач на кутии на разни избирачки места, повторно ќе го направиме тоа, ќе го покриеме теренот. Оние кои мислат да полнат кутии ќе им биде порачано од многу сериозни места да не помислат на тоа. Затоа што ризикуваат црни листи. Нека го знаат тоа. И ние не сме без адути – рече актуелниот пратеник и конкурент на огласот на ВМРО-ДПМНЕ.

Васко Костов, фармацевтски техничар, е следниот претендент кој зборуваше во полната сала во Струга.

Тој рече дека ако стане претседател ќе го врати старото знаме со 16 краци, а партискиот симбол – лавот ќе стане грб на државата. Во однос на економијата најави 1.500 евра за секое семејство, минимална плата од 850, а пензија од 700 евра.

Меѓу другото, најави и смртна казна која ќе ја предложи за велепредавство. И тој зборуваше за воената обука посочувајќи дека ќе направи секој во државата да биде воен обврзник и резервист.

– И мажи и жени, рече тој, мора да бидат патриоти.

Костов најави и закон за задолжително гласање на избори, а секој кој нема да гласа од неоправдани причини ќе ги загуби привилегиите што ги нуди државата.

По еуфоричното обраќање на Костов, следеше и кандидатот Сашо Кутлешовски кој е доктор по земјоделски науки. Тој порача дека има мотивација да ја трча оваа трка, а има и искуство.

Тој најави преиспитување на сите закони кои биле донесени на сила. Тој се изјасни дека ќе се залага за членство во ЕУ и НАТО, но под името Република Македонија, но и оти ќе има коректни односи со Русија.

– Не се согласувам со промена на името, треба да се пронајде начин без еуфорија, како ова историска грешка како партија од десницата да ја промениме. Да се искористат сите правни механизми за да се убеди домашната и меѓународната заедница дека ова е грешка – рече Кутлешоски.

Машинскиот инженер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија, Ѓорѓи Манасков, пак, рече дека на конкурсот се пријавил како натпартиска личност. Можел да се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ, но заклучил дека тоа не е паметно.

Тој рече дека во неговата бизнис кариера, во градежништвото учествувал во изградбата на зградата на ЕУ во Брисел, а тука секогаш бил отворен и им помагал секогаш кога може и на Македонци и на Албанци.

– Нема храбар човек кој ќе застане и ќе му помогне на овој народ. Е затоа се кандидирав за претседател на Република Македонија – рече Манасков.

Филип Петровски, пак, неговото обраќање го сведе на четири поенти. Како претседател рече дека ќе го поништи Преспанскиот договор и двојазичноста, ќе ги врати илинденските и асномските принципи, и оти ќе ги насочи претседателските активности за да предизвика предвремени парламентарни избори така што нема да му потпише ниту еден закон на Заев.

Тој рече дека ќе ги поништи и Охридскиот рамковен договор, повика дека не е време за бојкот бидејќи Талат Џафери ќе стане претседател кого, пак, го нарече терорист и дезертер, човек кој мисли на Голема Албанија.

Ќе дојде и кантонизација, и до Голема Албанија. Што сум јас? Еретик што ги кажувам овие работи? Не смееме да зборуваме за тоа? – рече еуфорично Петровски.

Универзитетската професорка Гордана Силјановска, пак, најави дека ќе ги укине претседателските привилегии, потоа дека ќе формира експертски тим од домашни и странски професори кои ќе се борат за Македонија пред меѓународните судови.

Таа рече дека не само пред Нова година, туку секогаш ќе бара обраќање пред Собранието кога има проблем, а ги има секој ден. Ќе бара да застане на собраниската говорница за да го образложи секое нејзино вето.

Го спомна и владеењето на Зоран Заев.

– Заевизмот не е само авторитаризам, заевизмот е ментална матрица: „Кажувам заборавам негирам“. За жал од таа болест се инфицираа мнозина – рече Силјановска.

По професорката, зборуваше и последниот кандидат по азбучен ред – Никита Шекутковски кој е доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје. Тој најмногу зборуваше за националните интереси и македонскиот јазик кој рече дека е службен и како таков ќе биде ако тој биде претседател.

Ако треба 50 отсто поголеми букви на службениот јазик, за тоа не ми треба бадинтер, тоа е службен јазик на сите националности – рече професорот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...