„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ собра две награди на Берлинале

745

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска доби награда од независното жири „Ecumenical” и награда „Guild Film Prize”. во рамки на Берлинскиот филмски фестивал.

– Презадоволни сме од досега постигнатиот успех со овие две престижни награди, а задоволството е уште поголемо кога ја гледаме публиката како реагира на приказната за Петрунија во текот на овие фестивалски денови. Независно од исходот на главното доделување на „Златната мечка“, овие две награди, како и овациите, аплаузите и одличните рецензии од врвните филмски критичари, за нас се најголемото признание и сведоштво дека навистина успеавме да направиме филм кој испраќа силна порака – изјави режисерката Стругар-Митевска.

„Ecumenical Award“ е независна филмска награда која од 1973 година им се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали , како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари. Целта на наградата е да се оддаде почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот. Наградата „Guild Film Prize”, пак, ја доделува тричлена жири-комисија, чии членови се управители на арт-кина.

Гала-церемонијата за доделување на главните награди на 69. Берлинале ќе се одржи вечер.  „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е во главната натпреварувачка селекција. На 10 февруари во Берлин беше светската премиера на овој најнов филм на Стругар-Митевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...