Под слоганот „За честита Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ го започна конгресот во Струга за избор на претседателски кандидат за изборите на 21 април и 5 мај годинава. Користејќи го старото уставно име, лидерот Христијан Мицкости порача дека Република Македонија мора да се исправи и да покаже достоинство и годост, да покаже кичма во време кога таа ја витна, да влезе стабилност кога има несигурност.
– ВМРО-ДПМНЕ треба да избере кандидат кој ќе биде претседател на сите граѓани, потребно е искуство – животно и професионално, човекот кој ќе се обврзе да го почитува Уставот во време кога уставот е нападнат… Ни треба личност која ќе ја почитува волјата на народот во време кога гласот на народот е игнориран и запоставуван како што беше на референдумот. Да избереме личност која никогаш порано не ја разочарала својата земја. Секој од делегатите од вас овде во салата денес, одлучува и одредува за она што ќе го понудиме на граѓаните. А јас знам дека ќе ја донесете најдобрата одлука и најголемата причина за вашата одлука нека не биде само иднината на партијата туку иднината на државата – порача Мицкоски.
Тој го прозва СДСМ дека избегала од предвремени парламентарни избори.
– Драги пријатели, овие избори ќе бидат жолтиот картон за Зоран Заев и СДСМ. Жолтиот пред да го дадеме црвениот картон. Ова не е финалната битка, но исходот од нив ќе значи многу за крајниот резултат. СДСМ и Зоран Заев избегаа од предвремени парламентарни избори, тие ги имаат истите анкети кои ги имаме и ние. Знаат дека губат и не е тоа само поради само поради промената на името и идентитетот – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека ако имало предвремени избори ќе имало и техничка влада со што ќе можеле да се спротивстават на сите нерегуларност.
– Власта знае дека на фер и демократски избори нема да победат ниту сега ниту било кога потоа. Имаме само претседателски избори и ние настапуваме одлучно и самоуверено, но со голема претпазливост за нивната регуларност и амбиентот во кој се одржуваат. Во такви услови нам најголемиот проблем нема да ни биде поддршката од народот туку борбата и настојувањето изборите да бидат фер и демократски – рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата не пропушти да ги искритикува политиките на власта, меѓу кои и правосудството за кое рече дека имаме Кацарска судство, Рускоска обвинителство и ненадлежно СЈО. Не ги заборави ниту состојбите во власта и медиумската слобода.