Фуере: Ако не почнат преговорите со ЕУ тоа ќе ја покаже целосната хипокризија на Унијата

477

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, во интервју за МИА вели дека од решавањето на спорот со Грција најголемата лекција е лидерството и храброста на двајцата лидери кои решија дека ова прашање треба еднаш засекогаш да се затвори и преземаа ризик да изгубат поддршка дома.

Затоа што, како што вели тој сфатија дека ова е потребно за долгорочната визија, не само за Македонија, туку за регионот, решавањето на проблемите.

– Мислам дека ова е огромен успех. Сите им должиме многу на Заев и на Ципрас што го постигнаа ова покрај многуте пречки. Но, сега предизвикот ќе биде имплементацијата, Преспанскиот договор навистина да создаде клима на доверба меѓу двете страни, која ќе гарантира дека другите елементи, во Грција и во Македонија, другите партии да не се обидуваат да ги поткопаат целите. Она што за мене е поважно е влезот во ЕУ. Мислам дека ова е витално. Мора да се осигураме дека тоа што е постигнато од страна на Заев и Ципрас добие продолжение – вели Фуере.

Мислите ли дека овој договор ќе трае? Ве прашувам затоа што претседателот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер, неодамна изјави за МИА дека “на двете влади е да се договорат за спорот за името“ и покрај тоа што овој договор е сега ратификуван од двете страни. Двосмисленоста на неговата изјава како да остава простор некои идни влади да го ревидираат или укинат овој договор.

Изјавата за која зборувате од ЕПП не ме изненади и уште еднаш го покажа целосното отсуство на одговорност на Европската Народна Партија, тотално отсуство на почит кон значењето на решавањето на овој спор за регионот. Немаат никаква храброст. Со тоа што воопшто не го признаа, ниту го поздравија декларативно барем Преспанскиот договор, покажа дека сите нивни интереси се чисто партиски. Мислам дека ова е уште еден трагичен пример за поразот на ЕПП целосно да ги застапува европските вредности и за тоа треба да бидат казнети, се надевам на следните избори за Европски Парламент. Затоа што нивното однесување е чисто партиско, а не во интерес на Европа. Со ваквото однесување и двосмислен пристап придонесуваат кон поткопувањето на довербата која овој договор треба да ја создаде меѓу двете страни.

Ако има промена на власта во Грција, што е многу веројатно, ова отвора врата за секакви блокади и обиди да се поткопа процесот во кој Македонија доброволно е влезена за да стане членка на ЕУ. Затоа се надевам дека сега акцентот од двете страни ќе биде ставен на изнаоѓање секаков начин на имплементација на овој договор. Ова не треба да биде само на ниво на влади, треба да биде на ниво на локални заедници, општини, граѓанско општество, организации, средби, конференции, верските заедници, за да се создаде клима на разбирање и да се надминат сите предрасуди. И тоа може само преку инклузивен мировен процес, како што видовме во Северна Ирска или Јужна Африка, каде се надминаа предрасудите и менталните бариери преку организација на средби, тоа е траен процес. Владата треба да внимава да не биде само владин напор, туку општествен, само така довербата длабоко ќе се вкорени и ќе спречи било која партија или лице да го доведе во прашање духот на договорот.

Верувате дека ЕУ оваа година ќе даде конечен датум за отворање преговори со Македонија или постои повторно ризик од одлагање?

Се надевам, мислам дека е многу важно. Лани веќе имаше големо разочарување, и покрај напорите на македонската влада да постигне договор две недели пред средбата на Советот на ЕУ, со надеж дека ќе дадат зелено светло, но не беше дадено и беше одложено за оваа година. Мислам дека е навистина критично ЕУ да одговори на напорите направени за решавање на овој спор, спор кој стана услов иако официјално не е дел од критериумите, но де факто стана дел, бидејќи Грција блокираше.

ЕУ мора сега да си го исполни ветувањето и да дозволи отворање на преговорите. Мислам дека ова ќе биде голем поттик, мотивација за реформскиот процес да продолжи и се надевам ќе придонесе за намалување на поларизацијата која сѐ уште постои во земјата. Ова е најголемата трагедија во Македонија, но и Албанија, Србија, каде нема никакво градење консензус, политички дијалог. Ова е една од слабостите на западниот Балкан, немањето напори за градење компромисни решенија.

Постои ли ризик за земјата доколку не се отворат преговорите овој пат?

Би било страшен пример на губење целосен кредибилитет на процесот на проширување на ЕУ. И покрај сите ветувања. За ЕУ би било страшно дискредитирање на процесот на проширување и би ја покажало целосната хипокризија на ЕУ. Така што се надевам дека нема да биде случај. А за регионот ќе има многу лош импакт, затоа што ќе се зајакне демотивацијата на многумина. Можеби нема да биде како после самитот на НАТО во 2008. Но ќе има големо разочарување, и тоа ќе биде разбирливо. Реформите кои Македонија треба да ги прави се потребни реформи за земјата и треба да продолжат, но многумина ќе бидат разочарани ако видат дека нема награда однадвор, во смисла на зачленување на Македонија во ЕУ и дека постојано се одлага датумот. Сѐ уште има шанса, ако почнат преговорите годинава и ако има напори и консензус меѓу партиите, нема причина Македонија да влезе во возот на Црна Гора и Србија, ако сѐ уште го имаме на ум датумот 2025-та.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...