Презентацијата на првиот македонски електричен автомобил создаден од ББ Класик карс е пример за одлична соработка помеѓу проект што е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и странски инвеститор кој веќе почна активности за изградба на фабрика во ТИРЗ Бунарџик, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Презентацијата на автомобилот е точно она што ние го посакуваме да го видиме како резултат од програмите што ги има Владата и во ФИТР и во рамките на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Мило ми е што денеска гледам дека веќе се случува во реалноста тоа што беше наша замисла да го видиме како резултат од програмите што ги спроведовме. Овој проект е еден од таквите позитивни примери – изјави Анѓушев.
Тој нагласи дека германската компанија Кеслер, која во изнајмена хала во населбата Илинден има воспоставено мал производствен погон со четириесетина вработени од кои голем дел се инженери, е испорачателот на електромоторот за првиот македонски електричен автомобил.
– Кеслер е една од компаниите која во ТИРЗ Бунарџик има закупено простор од 13.600 квадратни метри и планира да го прошири со нови 5.000 квадратни метри. Ја расчистуваат површината за да изградат високотехнолошка фабрика за производство на електромотори, електрични компоненети и електронски компоненти за ЦНЦ машини и за електрични возила. Таму ќе биде сместен и нивниот развоен центар, рече Анѓушев.
Изработката на првиот македонски електричен автомобил ЗАС Г 20 во рамки на проектот „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил Фиќо, со електричен мотор“ ја поддржа ФИТР со седум милиони денари, а сопственикот на ББ Класик карс учествуваше со три милиони денари сопствени средства.
– Задоволство ми е што денеска може да презентираме еден од привите резултати од Планот за економски раст во третиот столб кој го започнавме 2018 година. Ова е добра идеја која е преточена во конкретен продукт, а одлично е што имаме додадена вредност на целиот проект, а тоа е германски инвеститор што ја препозна можноста во овој продукт да најде свој пазар и свој интерес – изјави директорот на ФИТР Јован Деспотовски.
Тој нагласи дека инвестицијата на Кеслер реално ќе помогне да заживее концептот на ББ Класик карс и додаде дека веќе се разговара како може покрај на Фиќо да се примени и на други возила што, потенцира, ќе придонесе во намалувањето на загадувањето на воздухот.
Сопственикот на ББ Класик карс, Милорад Китановски посочи дека македонскиот електричен автомобил се изработува заедно со уште 20-тина мали стопанственици, занаетчии, работилници и претпријатија.
Директорот на Кеслер, Патрик Тролие нагласи дека до крајот на годинава планираат да ја изградат нивната фабрика во Бунарџик.
– Имаме сериозни планови да растеме особено во делот на производство на електромотори и електро компоненети – рече Тролие.
ФОТО: МИА