Вардар го игра мечот на колото против Веспрем, „Јане Сандански“ ќе биде преполн

Поради големиот интерес на фановите, во продажба беа пуштени дополнителен број на билети за дуелот.

139
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Екипата на Вардар денеска од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ излегува против унгарски Веспрем во меч од 12 коло во Лигата на шампионите од групата „А“.

„Црвено-црните“ се сигурен патник во осминафиналето, но важно е да се задржи второто место и разликата во однос на Веспрем, Киелце и Рајн Некар, за евентуален полесен противник во елиминациската фаза.

На првиот меч со Веспрем во Унгарија, Вардар победи со 27:25, што беше и нивна прва гостинска победа против Унгарците.

Тренерот на скопскиот тим, Роберто Парондо на пресот пред мечот изјави дека очекува тежок натпревар, но дека играчите се подготвени за она што претстои.

– Сакаме многу бодови во последните три средби. Ќе ни биде навистина тешко бидејќи Веспрем е квалитетна екипа во која играат многу добри ракометари. Сакаме да победиме и победата е најважна за нас – изјави Шпанецот.

Во однос на повредените ракометари, тој додаде дека Борозан и Мораеш тренираат со тимот, но денеска ќе се реши дали ќе бидат подготвени за настап, додека Горбок ќе биде достапен дури за еден месец.

На три кола пред крајот на групната фаза, вардарци се втори на табелата со 15 бода, три помалку од Барселона, а бод повеќе во однос на Веспрем и Киелце. Рајн Некар е петтопласиран со 12 бода.

Натпреварот во Скопје е прогласен од ЕХФ за меч на колото во Лигата на шампионите.

Поради големиот интерес на фановите, во продажба беа пуштени дополнителен број на билети за дуелот.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...