ХАЕ караван – едукација за ретко заболување

294

Здружението на пациенти со хередитарен ангиоедем ХАЕ Македонија ќе реализира ХАЕ караван – серија предавања за медицински лица во различни градови во државата.

Првото предавање ќе биде утре во Пробиштип во Општинската сала (Домот на култура) од 11.30 до 12.30 часот. Во рамки на овој проект освен Пробиштип, ќе бидат опфатени и Штип, Прилеп, Куманово, Охрид и Скопје.

Предавањата се лиценцирани од страна на Лекарската комора на Македонија и носат по 4 бода за учесниците. Предавач е Проф. Д-р. Весна Гривчева Пановска. Целта е да се подигне свеста за ретката болест хередитарен ангиоедем особено меѓу лекарите од примарната здравствена заштита за да може да ја препознаат ретката болест ХАЕ кај потенцијалните пациенти, како и начините на кои може да им се помогне на пациентите.

ХАЕ Македонија е здружение за граѓани на кои што им е дијагностициран хередитарен ангиоедем (ХАЕ). Целта на ова здружение на граѓани е обезбедување терапија за пациентите кои патат од овој дефицит, подигање на јавната и стручната свест за оваа состојба и евидентирање на сите лица кои што ја имаат оваа ретка болест.

ХАЕ е ретко заболување кое што настанува поради недостиг на крвниот протеин Ц1 инхибитор и се манифестира со отекување на делови на телото. Овие отоци, доколку се јават на одредени витални органи (како на пример грло, лице, абдомен, дишни органи), може да доведат до живото-загрозувачки состојби. Болеста има околу 30 проценти стапка на смртност. Терапиите најчесто се составени од концентрат на Ц1 инхибитор естераза, лекови од крвни деривати, како и рекомбинантни облици кои што делуваат инстантно и во рок од четврт час го стопираат отокот, а со тоа и опасноста од живото-загрозувачка состојба. Терапијата е потребно пациентите да ја примат што побрзо од првите симптоми на нападот, за да го намалат ризикот од фатален исход.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...