Александар Василевски Нинџа. Контроверзен лик кој предизвика големо внимание во јавноста, човек кој како никој досега храбро и отворено зборуваше за настаните од 27 април 2017 и за она што претходело.
Вака адвокатот Звонко Давидовиќ ги започна неговите завршни зборови, како одбрана на обвинетиот Александар Василевски Нинџа.
Нинџа, рече адвокатот, уште на 14 јуни 2017 година во обвинителството го кажал истото што го кажа и во судница зборувајќи за организацијата и посочувајќи многу личности и високи функционери.
– Обвинителството во почетокот му понуди мерки на заштита затоа што зборуваше за многу функционери. Но, не опстои ниту на тоа. Тој не бараше ништо – рече Давидовиќ продолживајќи го своето излагање со осврт кон амнестираните кои, според него, се спасија затоа што кажаа она што некој им кажал.
– Се испазарија со се што можеа да се испазарат само за да не бидат тука во судница, и не се. Не се, само затоа што го зборуваа она што им беше кажано за да го потврдат обвинението – рече адвокатот.
Дејствијата кои му се ставаат на товар на Нинџа за 27 април, посочи Давидовиќ, обвинителството се обидува да ги докаже само со еден телефонски повик од неговиот брат Благоја Василевски кој бил во Виена како обезбедување на Никола Груевски, со една снимка од пред кафе-барот „Дион“ и со исказите на браќата Младеновски и на Симовски.
– Тоа се сите докази со кои Нинџа треба да биде осуден на долгогодишна затворска казна – кажа адвокатот.
Тој се осврна на сите докази, па така за разговорот со брат му, меѓу другото рече дека не е позната неговата содржина и оти тоа што го тврди обвинителството е во афера на претпоставки и погодување.
Тука адвокатот го посочи исказот и на братот на Нинџа дека кога тој е на пат тие контактирале прво преку СМС порака, а оти на 27 април зборувале за здравствената состојба на мајка им која се бори со рак.
За тврдењето дека биле купени фантомки кога групата што ја собрал Нинџа била во „Дион“, Давидовиќ исто така потенцираше дека од снимката не се утврдува што има во кесата.
За тоа дека бил загрозен уставниот поредок и безбедноста, тој кратко се осврна посочувајќи дека ниту една институција не била загрозена во своето функционирање и дека ниту еден функционер важен за функционирање на уставниот поредок не бил загрозен.
Без да навреди никого, рече Давидовиќ, прашање е дали некој од обвинетите што останаа во судница има претстава што е загрозување на уставниот поредок.
– Мислите ли дека Нинџа онаков како што е и како што го запознавте, а имајќи ја предвид неговата ангсжираност во УБК, дека формирал умисла за напад на уставен поредок? Без да навредам никого, мислите ли дека голем дел од присутните во судницата имаат претстава што значи уставен поредок, а камоли да формираат умисла и напад за загрозување на истиот. Второ прашање е како обвинителатвото ова го докажува. Никако, само голо тврдење и чесен збор – рече адвокатот.
Давидовиќ беше последен кој искажа завршни зборови, а по него на ред се обвинетите. Прв кој ќе зборува е Митко Чавков.