Писма од Лондон: Ода за градот

710

Малечок е. Односно низок. Што би рекле ние по скопски, метро и жилет. Или метро и ќебапче.Или метро и погачица, која била тазе ама се сплескала додека сте ја однеле дома. Го мислев за повисок, така барем ми изгледаше на телевизија, ама телевизијата лаже. Освен што ве прави да изгледате повисоки, ве прави да изгледате подебели. Она со подебели ми го кажаа уште на почеток, при моето прво појавување на телевизија, во младинските емисии. Попусто е да собирате стомак, попусто да се местите од полупрофил, да исфрлате една нога напред па кукот онака малку искривен ( ова ако се јавувате од лице место или правите стенд ап) телевизијата е немилосрдна, додава килограми. Ми рекоа од 10 до 15. Им реков да бидат прецизни, зашто прецизноста отсекогаш ми била важна, а во овој случај беше и е од исклучително значење. Се нагодивме на 12,5. Па отидов да работам во печатените медиуми и потоа на радио…

Телевизијата ве прави да изгледате и повисоки. Првпат ги видов  англиските фудбалери во живо на оној историски натпревар кога Македонците му ја запечатија голманската кариера на Симан.Во просек повеќето беа метро и жилет! О кеј, имаше и повисоки, ама јас со моите метро и шеесет и пет насабајле кога ќе станам и ќе се протегнам , можев да ги гледам очи во очи. ( Ова важи напролет и во лето , во зима и наесен сум некако пониска, зашто кога ми студи малку сум стуткана).

Предности и лажичка

Така и Садик Кан. Градоначалникот на Лондон, главниот град на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска. На телевизија изгледа повисок и покрупен. Во живо низок и слабичок. Ама и на телевизија и во живо има  харизма. Не е тоа онаа на неговиот претходник, Борис Џонсон, кој истера два мандати и кому додека беше градоначалник  му се простуваа гафови и неостварени ветувања. Кој на почеток до кариерата можеше да им продаде фрижидери на Ескимите, а потоа им го продаде Брегзитот на Британците. Кој и во живо и на телевизија е висок и како да кажам, па крупничок и не е само телевизијата таа која му додава 10- 15 килограми, туку и неговото големо его и амбицијата да биде фактор во британската политика. И сега, од оваа дистанца ни останува да се прашуваме како Џонсон успеа да крева толку многу врева, а да сработи толку малку.

Еден од неговите соработници објаснуваше нешто во стилот – „знам дека изгледа шашаво, ама функционира”. Џонсон, исклучително интелигентен и образован, од привилегирано семејство, роден, што би рекле, со „сребрена лажичка во уста” , ги шармира лондончани, им ветуваше многу. Ама која се слегна правот, излезе дека главните постигнувања му беа велосипедите за изнајмување ( започнати од претходникот Ливингстон) и  велосипедските патеки (кои ги довршува наследникот Кан) . Неговата предност сепак беа шармот и добрите врски со владата . Добро е кога се има пријатели на високи места. И од исто друштво, што ќе рече – од иста партија.  Конзервативна. Кога се има пари да се довршуваат добри идеи и да се ужива во славата и да се слика за време на најголемиот настан во Лондон, Олимписките игри во 2012 година.

Или како претходниот претходник, бунтовниот „Кен црвениот”. Кој се одметна од лабуристите и првиот мандат го помина како независен кандидат, вториот се врати во лабуристичкото јато и меѓу другото работеше да го среди центарот на Лондон од сообраќајниот хаос, го потсреди јавниот превоз  и го иницираше конкурирањето на Лондон за Олимписките игри во 2012 . Ливингстон успеа да стекне статус и на единствен успешен левичарски политичар и  на исклучително популарна и контроверзна политичка фигура.

Писмото на Кан

Што ја прави работата на Садик Кан уште потешка. Тој е син на имигранти.Со исламска вероисповед. Од работничко потекло. Многу работничко. И во земја во која добро, класите се губат, ама се се´ уште тука, и предрасудите се намалуваат, ама фала на прашање, се’ уште се , за жал, „ живи и здрави”, а во време на криза како оваа, напредуваат. На Кан не му е лесно. Зашто нема лажичка, нема поддршка од владата, не е на иста линија со раководството на неговата лабуристичка партија околу Брегзит, ама мнозинството Лондончани го сакаат и речиси е сигурно дека ќе добие и втор мандат.

Пред некоја недела Садик Кан напиша писмо,  Ода за Лондон. Главната поента низ текстот му беше различноста на Лондон, град во кој, вели тој, е светот, во кој се зборуваат повеќе од 300 јазици и кој што е дом на луѓе од сите бои, култури, вери и класи кои што го прават толку посебно место за живеење.

Кан вели дека  низ децениите Лондон бил збогатуван од луѓето кои дошле да живеат тука од различни заедници од различни делови на светот. И дека трагите водат до сите континенти, до сите делови на светот, па тука треба да се бараат основите на успешната приказна на Лондон. Диверзитетот, различноста, вели Кан во писмото, не е слабост, ами еден од најголемите успеси на градот, и тоа го признаваат и прифаќаат најголемиот број лондончанки  и лондончани. Мултикултурализмот не е проблем кој го зафаќа нашето општество како што сакаат да го прикажат некои, вели Кан, туку извор на гордост, напредок и просперитет за сите.

Не доаѓаат луѓето тука да поработат малку, па да си одат. Луѓето доаѓаат тука да живеат, да се дружат, да ги почитуваат, да ги толерираат и прифатат разликите. Не само да се прифатат другите култури, вели Кан, туку да се негуваат, искусуваат и испробуваат.
Во време кога различноста се напаѓа и се третира како непријател , а Брегзит фрла темна сенка на иднината, Садик Кан вели е вистинско време да се застане зад отворените и инклузивни вредности.

Градоначалници 

Колку различни беа последните тројца први луѓе на Лондон. Да ги бираа лондончани поразлични, немаше да можат да ги изберат. А ги бираа. Сепак, кај сите имаше има нешто заедничко, на страна амбициите и политиката и кариерите  – сите го сакаа(т)градот и сакаа(т) да направат нешто за него и за луѓето кои живеат тука.  Кен Ливингстон беше како строг учител кој со линејка во раце е подготвен да казнува, во името на Лондон. Борис Џонсон беше веселиот велосипедист кој им измамуваше насмевки на лондончани за потоа да им ги замрзне и претвори во грч. Садик Кан е упорниот, симпатичен аутсајдер кој се бори со предрасудите против предрасудите и загадениот воздух и – му пишува писмо на Лондон.

Писателката Зејди Смит вели дека да се биде Лондончанец е „состојба на умот”. Садик Кан е во добра состојба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...