Јавното обвинителство изразува само мислење, не презентира факти и докази. Замислете што ќе се случи ова јавно обвинителство да застапува предмети во парламентите во други земји каде има нереди, тепање… Сите би биле обвинети дека има тероризам, рече Јакум Наумов адвокат на Никола Митревски Кољо во предметот за 27 април.
Тој во неговата одбрана го оспоруваше обвинителниот акт, посочувајќи пракси од Европскиот суд за човекови права, домашните закони, квалификацијата на делото итн.
– На 27 април никој во Република Македонија не прогласи воена состојба, а обвинителството тврди дека дошло до загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Да не е сериозно, би изгледало сосема поинаку – рече Наумов.
Тој се осврна и на претходно обвинетите, а сега амнестирани Михаил и Стефан Младеновски и Захарие Симовски, кои во нивните искази го посочуваа Кољо како десна рака на Александар Василевски Нинџа и еден од оние кои учествувале во организацијата.
– Сите тројца беа амнестирани со одобрение од јавното обвинителство. Ако е така, реалноста е дека тие го кажуваа тоа што некој го сакал. Тоа е логичен заклучок. Од правилата на логиката не можеме да бегаме, туку да ги почитуваме – рече адвокатот.
Освен него, завршни зборови за Кољо даде и адвокатката Маја Дојчиновска која посочи дека исказите на амнестираните биле селективни.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI