Има повеќе поводи да се напише колумна со ваков наслов за поделеноста на општеството во кое живееме на наши и ваши. Таа се чувствува по сите линии, но најизразена е во сферата на политиката и нејзината моќ да ги инструментализира сите општествени структури. Сепак, непосредниот повод за да го напишам овој текст се три вистински приказни, секоја од нив посебна, но истовремено и со заедничка порака за нашето секојдневие и хипокризијата на времето во кое живееме.
Приказна прва: Разговор со еден, би рекол повеќе случаен политичар или да се послужам со изразот „мангуп“‘ во политиката од таканаречениот албански политички корпус. Праша кој е член на Управниот одбор на Фондацијата „Балкан без граници“ од албанска националност. Му одговорив, истакнат писател, академик и пред сѐ, личност со интегритет. Политичарот, името не е важно, како што не ќе бидат неважни ни имињата во следните две приказни, веднаш реагира „Тој не е наш, тој не се залага за албанската национална кауза“. Го погледнав и помислив што ова „мангупче“ во политиката подразбира под поимот албанска национална кауза, може ли неговиот ум да ги сфати вредностите кои со својот книжевен опус ги остава авторот како трајно, културно наследство, албанско, но и на сите нас. Зарем творец од македонско етничко потекло кој би пишувал на албански јазик не би бил наш, зарем творците кои пишуваат на други јазици не се наши иако се дел од нашето битие, иако го пишуваат нашето постоење, ја одбелажуваат нашата цивилизација, денес и за во иднина.
Приказна втора: Афирмиран професор, доктор по медицински науки, истакнат активист во својата партија, кандидат за министер за здравство во претходните мандати, само два дена пред „конечните консултации“ одеднаш го снемува во конечниот список на мандатарот за составот на новата влада. На „конечните консултации“ главниот рекол „Тој не е наш“. Не бил наш затоа што татко му, во далечните 30-ти години на минатиот век за времето на Кралството Југославија бил унијат или поточно стипендист на Унијатската црква како студент во Загреб. А што всушност, бил татко му најдобро сведочи познатиот револуционер Лазо Соколов во својот тестаментален напис објавен во списанието на Институтот за Национална Историја – Историја. Според него, таткото на истакнатиот професор-доктор по медицински науки бил еден од најактивните раководители, комунист по определба, на Македонското студентско друштво во Загреб. За својата активност и посветеност на македонското национално движење и на напредното, комунистичко, движење тој платил со својот живот. По задача на партијата се вратил во Македонија и станал кмет на Богданци. Бил убиен од бугарскиот окупатор откако ги добиле информациите за каков човек се работи. Долго време тој и неговото семејство живееле со чувство на вина дека нивниот татко и сопруг бил издајник додека во почетокот на 50-тите години по повод реконструкцијата на загрепската комунистичка партија не се дознало дека не само што не бил издајник, туку бил херој кој по задача на партијата дошол во Македонија.
Во случајов станува збор и за многу поширок синдром. Дали и тие кои припаѓаат на друга црква и/или вероисповест не се наши, дали не се наши и македонските муслимани-торбешите, Македонците католици, Македонците протестанти, адвентисти па и Македонците атеисти. А само година дена по овој настан претседател на Република Македонија беше претседател кој не беше православен. Чиј претседател беше покојниот Борис Трајковски? Но овде се поставуваат и некои други, далеку посуштествени прашања – дали зад ваквиот став се крие ставот на клеронационализмот – Македонец е само оној кој е православен, дали припадноста кон одредена религија станува критериум за кадровска политика на политичките партии во Македонија или пак тоа било само повод да се изманипулира одредено решение во интерес на некој друг.
Приказна трета: На седницата на Издавачкиот совет на ИНИ, директорот на институтот, го поставил предлогот, заедно со Фондацијата „Балкан без граници“, да се издаде книгата „Советските и Американските лидери во соработка и конфронтација – Мемоарски записи“ од авторот Лазар Мојсов. И овој пат еден од учесниците, вели: „Тој не е наш“. Другите го отфрлаат ваквиот став. Книгата е издадена, но остана без одговор прашањето- навистина чиј е Лазар Мојсов, човекот кој е основоположник на првиот весник „Нова Македонија“ на македонски јазик, авторот на повеќе дела од историјата на македонскиот народ, посебно за македонските малцинства во соседните држави, автор на трудови од областа на меѓународните односи, а посебно на антологискиот напис „Еден поим а три имиња“ објавен во далечната 1953/54 год чија актуелност ја чувствуваме и денес, претседател на Собранието на ООН, претседател на претседателството на СФРЈ како претставник на СРМ која беше конститутивен дел на југословенската федерација, еминентен амбасадор во повеќе држави, борец во НОБ. Не знам и не можам да коментирам дали нешто и што е тоа што се случило во 90-91 година на минатиот век. Тоа можат и треба да го кажат оние кои учествувале во тие процеси. Тој самиот ми кажа дека се понудил, но му било речено дека нема потреба од него. Ваквиот став го потврди и во интервјуто што со него, за списанието „Денес“ го направи истакнатиот македонски писател Петре Бакевски во 2006 год. Но дали е тоа толку големо за да се даде анатемата тој не е наш за да се избриш сѐ она што Мојсов и неговата генерација го дале за Македонија.
Несомнено дека распадот на СФРЈ претставуваше историска шанса за македонското национално движење, која му овозможи да го доизведе својот национален проект и ја добие меѓународната правна и политичка верификација на својот државноправен идентитет. Генерацијата која го реализира овој историски чин на македонското национално движење и така стана дел од историјата. Но, за да се дојде до тој чин мораше да се измине еден долг и крвав пат уште со првите денови на ТМОРО-ВМРО, преку голготата и дележот со балканските војни, НОБ, АВНОЈ и АСНОМ па сѐ до 1991 година. Секој кој бил посветен на националната и социјалната идеја на тој пат се вградувал себе си.
Конечно, поделбата на наши и ваши е израз на хипокризијата во која се наоѓаат политичките партии кои сѐ уште се далеку од универзалните вредности на граѓанското општество и демократијата заснована на вредностите на политичкиот плурализам. Ставот не е наш значи припаѓање на некого или кон некого – лидерот или пак владејачката група, која ги определува критериумите за правоверноста на поединецот кон лидерот и владејачката структура околу него. Во услови, пак, кога партиите ќе ја преземат власта овој став станува суштински критериум за негативна селекција на луѓето и извор на длабока општествена криза.