Пред и за време на настаните од 27 април 2017, обвинетиот Влатко Трајковски бил член на ВМРО-ДПМНЕ, но во ниту еден случај не бил член на патриотските здруженија, ниту познавал некој од членовите и обвинетите во овој предмет. Не постои никаква поврзаност, организираност или усогласени дејствување.
Ова се дел од завршните зборови на Билјана Стојановиќ која e адвокат на Влатко Трајковски.Таа е прва од адвокатите кои денеска даваат завршни зборови во судскиот процес за крвавиот четврток.
– Влатко Трајковски не влегол со намера и умисла да го извршни кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кое нешто го потврди и во неговиот исказ. Тој влегол од љубопитност бидејќи кога дошол пред Собранието вратата била отворена, народот веќе бил влезен. Ако имал намера да врши други дејствија, немало да помага на пратениците да се спасат – рече Стојановиќ.
Во обвинението тој меѓудругото е обвинет и дека со противпожарен апарат прскал кон пратениците, новинарите и службениците во Собранието, како и дека со апаратот го удрил пратеникот Сашко Костов.
Но, рече адвокатката, тоа обвинителството не го кажа во завршните зборови, ниту пак пратеникот доставил медицинска документација за повредите.
– Ако бил удрен со ПП апарат ќе имаше сериозни повреди- нагласи Стојановиќ.
Трајковски е бивш пожарникар и знаел дека со апаратот нема да повреди никого. Таа нагласи и дека тој имал депресивни растројство од 2001 кога учествувал во конфликтот и кога загубил блиски луѓе.
Во полза на Трајковски адвокатката го посочи исказот на заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасовски, дека некој човек му помогнал да ја спаси пратеничката Милева Ѓоргиева. Тој човек, рече адвокатката, е нејзиниот клиент Влатко Трајковски.
Таа побара ослободителна пресуда и порача дека Трајковски не е терорист, туку семеен човек, татко на две малолетни деца кои се на работ на егзистенција, додека тој е во притвор. Според неа не се докажалe дејствијата кои му се ставаат на товар и побара ослободителна пресуда.
По Стојановиќ, завршни зборови даде адвокатот Нинослав Јакимовски кој е бранител на Вилијам Михајловски.
– Од снимките се гледа дека тој во Собранието ниту носи капа ниту фантомка. А и зошто би се криел кога немал намера да стори какво било кривично дело? – рече Јакимовски.
Тој во најголем дел од неговиот завршен збор го оспоруваше тоа што обвинителството му става на товар на Михајловски дека бил дел од нападот врз Зијадин Села.
– Овој напад од дополнителните снимки обвинителството се обиде да го претстави дека бил извршен врз пратеникот Зијадин Села, дека Вилијам Михајловски со рака замавнал и дека истовремено со нога го удрил. Но, ако добро се анализира видео снимката ќе се утврди дека Михајловски ниту со рака имал замавнато, а уште помалку дека со нога го удрил… Какви удари задава Михајловски, обвинителството не беше во можност да посочи затоа што од снимките не се ни гледа тоа- рече адвокатот.
Тој кратко се осврна и на патриотското здружение „Владо Георгиев Черноземски“ од Куманово посочувајќи дека Михајловски заедно со уште четири други лица го основале на 24 мај 2017 или безмалку еден месец по крвавиот четврток.
Каква поврзаност има тоа со 27 април кога било формирано подоцна, Јакимовски рече дека ќе остави судот да цени.