Клати врата, земај и сдсм-плата!

4318

На барање на Заев, роднинско-партиските вработувања кај неговите партиски колеги ќе се – одвработат! Кој им е виновен, да си имаа вистинска партиска книшка во џебот (од ДУИ или од ВМРО-ДПМНЕ) и вистински роднински врски (од ДУИ или од ВМРО-ДПМНЕ), сега никој ништо немаше да им може. Вака, лидерот порача, а неговата е последна – сите фатени во нововработен офсајд, назад во аут!

Вмровските портпароли секојдневно им држат прес-конференции и им се потсмеваат, ги ругаат овие од владата за новите партиски вработувања, иако во државата за времето на своите десетина години власт „нагнетија“ половина од своето партиско членство – ова не е претерување! – на државна плата. Ха-ха-ха… Тие се сега моралниот репер во државата за тоа кој смее, а кој не смее да биде вработен во јавниот сектор.

Не е власта на СДСМ за жалење. Факт е дека во последните година-две министрите на Заев не направија ниту една суштинска реформа којашто не е строго диктирана од евро-атлантската агенда. Да побара Брисел сите да одат во куси пантолони на работа, сигурен сум тој закон во Собранието би се донел за пет дена, со европско знаменце над заглавјето. За друго немаат ни политичка волја, а ниту идеи.

Министерот Дамјан Манчевски постојано зборува за некакви „анализи“, но ниту една од нив не покажува дека државната администрација ни е превработена. Можеби тие анализи се чуваат во фиока, бидејќи и годинава, како и секоја мината и наредна, имаме уште едни избори. А СДСМ не прави ништо, пред да пресмета дали тоа ќе му однесе некој глас на изборите. И ним државната администрација – како и на сите претходни власти – им е најактивното гласачко тело, па подготвени се сите други слоеви во општеството да ги третираат (или малтретираат?) со секакви „мерки и активности“, но овие илјадници што им се мотаат по министерските ходници никако да дојдат на ред за некаква смислена реформа.

Ние, имено, и денеска не знаеме која е вистинската димензија на државниот апарат за нормално одвивање на операциите? Факт е дека од 2006 година наваму бројот на вработени во тој апарат се зголеми за неколку десетици илјади луѓе, а во државата вкупното население што треба да се услужи од страна на тој апарат во истиот период се намали за 20-30 отсто… Па, сепак, кога и да се појават во јавноста на оваа тема, функционерите на СДСМ нешто мрморат меѓу заби, кажуваат општи фрази и реформски флоскули и, генерално, гледаат што побрзо да ја променат темата.

А Македонија има најстаровремски пазар на трудот што може да се замисли! Земји како Франција и Германија, на пример, со децении наназад постојано се занимаваат со прилагодување, промена, унапредување на тој пазар, за да се приближат до реалните потреби на динамичните капиталистички трудови односи… На пример, во тие земји имате десетици начини како легално можете да се вработите привремено, повремено, во ноќна смена, со седење дома или со работа преку интернет, како пензионер или како студент, да имате втора професија, со второ работно место, со трет ангажман или како домаќинка и родител итн. Сето тоа е проследено со соодветни прилагодувања и стимулации во плаќањето придонеси и даноци, за секој што сака да работи тоа да го прави во своја и во корист на државата, а да не биде криминалец.

Кај нас – речиси – можете да бидете вработен или невработен. И толку. Нешто поголеми поволности имаат само партиските војници и нивните роднини.

Така не се работи во капитализмот, каде што има слободен пазар на трудот и каде секој може да ги остварува своите соништа да живее подобро и побогато, од личниот труд. А го напуштивме социјализмот во кој, барем, социјалната правда и општествената солидарност беа поголеми.

Затоа, сега се забавуваме со дневни хуморески за тоа чиј роднина каде се вработил и дали ќе зема педесет евра повеќе од државниот буџет… Оти сите се зафатени со терање висока политика, како сè друго да сме решиле, па се подготвуваме да станеме постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

Реформи, господа, реформи!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...