Шекеринска во НАТО укажала на важноста од соработката со ЕУ ВИДЕО

185

Иако сѐ уште нема право на глас, Македонија по прв пат активно учествуваше на министерски состанок како сојузник на Алијансата.

На денешниот втор ден од министерската средба во Брисел станало збор за воените мисии на Алијансата, вклучувајќи го и Косово, како и за соработката во Европската Унија.

НАТО, на чело со САД, повеќепати изрази сериозна загриженост од волјата на некои земји членки на ЕУ да создадат европска војска и да ја зајакнат европската одбрана самостојно. Генералниот секретар Јенс Столтенберг уште еднаш пред почетокот на овој состанок потсети дека поздравува секакви европски напори за зголемување на европската одбрана, но дека таа треба да го надополнува НАТО, а не да му биде конкурент.

Радмила Шелеринска денеска имаше прилика да го каже и ставот на Македонија по ова прашање.

– Коментиравме за важноста од соработката помеѓу НАТО и ЕУ, која барем во нашиот случај се покажа многу важна. Минатата година пресвртот со Грција беше пред сѐ домашен напор, кај нас и од страна на грчката влада. Но, без поддршката на ЕУ и особено клучните одлуки на НАТО, тешко дека ќе можеше да се случи. Така што како држава сме пример на добра соработка помеѓу ЕУ и НАТО и ако овие две организации успеат да говорат со исти пораки и по други прашања, нивната ефикасност ќе биде уште поголема – изјави Шекеринска по состанокот.

Овој дел од Северно-атлантскиот совет се одвиваше во присуство на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, која својот говор го започна со пофалби за Преспанскиот договор и користејќи го новото име на државата.

– Со нетрпение го чекам формалното известување за промената на името. Имплементацијата на Преспанскиот договор и поканата до министерката за одбрана од Северна Македонија се навистина историски чекори – изјави утрово Могерини пред билатералната средба со Шекеринска.

Таа повтори дека преспанскиот процес доби поддршка од ЕУ од самиот почекот.

– Мислам дека е впечатливо како лидерите и народите во Атина и Скопје заедно работа за овој храбар, историски и охрабрувачки пресврт, кој смета дека може да го инспирира не само Балканот туку и цела Европа – додаде Могерини.

На министерскиот во НАТО денеска се разговорало и за мисијата на КФОР и за состојбата на Косово. Македонија ја истакнала важноста на присуството на НАТО за безбедноста на регионот.

– Ставот на сите кои говореа на оваа тема е дека КФОР ќе продолжат со ангажманот и дека тој ангажман ќе им овозможи на Белград и на Приштина стабилна околина да стигнат до политички компромис и договор, тоа е добро за соседите и за цела Европа – изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за Косово.

Црногорскиот министер за одбрана, Предраг Бошковиќ, порача дека се надева дека црногорскиот Парламент набргу ќе го ратификува членството на Македонија во НАТО.

– Македонија е наш пријател, направи огромен исчекор, реши едно огромно прашање со Грција, сигурен сум дека тоа е еден добар патоказ дека кога постои волја може да се дојде до еден добар квалитет договор, прифатлив за двете страни, и тоа е стимуланс за оние во регионот кои уште немаат нерешени прашања, да тргнат по патот на договор, а не да прекинуваат дијалог или создавање тензии и судири – рече Бошковиќ.

Коментирајќи го ризикот од руско влијание, слично како во Црна Гора, до полноправното членство во НАТО, Бошковиќ изрази уверување дека македонските институции имаат капацитет да се соочат со предизвици.

Бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, од своја страна рече дека до крајот на оваа недела се надева дека протоколот за Македонија ќе се најде во бугарскиот Парламент, но тој не пропушти да ги покрене точките на тензија кои сѐ уште постојат меѓу двете држави.

– Јас реков дека и покрај договорот за добрососедство има некои проблеми кои треба побргу да ги решиме, затоа што се проблем за двете држави, врзани за некои квалификации кои се недопустливи  рече Каракачанов.

Тој смета дека сѐ уште има проблеми во македонските учебници во кои Бугарите се опишуваат како Татари, а не Словени, на пример, и смета дека „Бугарија нема потреба да спори со Македонија“ за одредени историски личности како Делчев, Миладиновци или Прличев.

– Треба само да отвориме што напишале и таму сѐ е јасно – изјави министерот за МИА.

Запрашан дали има шанси за изнаоѓање заеднички јазик по овие прашања, Каракачанов одговори дека има проблем “со некои луѓе во заедничката комисија“.

– Од македонска страна во комисијата има луѓе кои мислат дека можеме да правиме  некои компромиси, дека ако Македонија поддржува една теза, а Бугарија друга, треба некаде на средина да се најдеме, во историјата нема таква варијанта, нема компромисна варијанта 2 плус 2 да биде пет  рече тој за МИА.

Тој додаде дека Бугарија е трпелива и добронамерна и дека ги поддржува напорите на македонската влада.

– Македонија добро се движи и владата на Заев прави сериозни напори, во рамките на неколку месеци сите проблеми со соседите, економијата, итн. не можат да се решат за неколку месеци но важно е да има волја, ние ги поддржуваме добрите намери на Скопје – рече Каракачанов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...