Премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерите, Оливер Спасовски и Бујар Османи и министрите, Венко Филипче и Сухејл Фазлиу, денеска присуствуваше на Комеморативната седница организирана од градоначалникот на општина Гостивар, Арбер Таравари во сеќавање и чест на загинатите граѓани од овој град во страотната сообраќајна несреќа во која до сега 14 луѓе го загубија животот. Тие се потпишаа и во книгата на жалост.
– Ја споделуваме големата болка со вас. Душата нѐ боли, за секој згаснат живот. Тоа се и наши сограѓани, тоа се и наши деца, беа и наша надеж. И тагата е заедничка. Зборовите за утеха во вакви моменти тешко се наоѓаат, зашто нема утеха за срцата кои тагуваат по саканите. Свесен дека зборовите сега не можат да допрат до душата која жали. Но можеби понатаму, ќе бидат нечија водилка низ болката, којашто, не поминува, ама човек учи да живее со неа – рече Заев.
Тој рече дека преземаат обврска да помогнат на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложи.
– Како Влада и како надлежни органи, ве уверувам дека ќе сториме сѐ, да ги расветлиме причините за трагичната несреќа. Денешниот и утрешниот ден ги прогласивме денови на жалост во целата наша држава и молитвите на сите граѓани во нашата држава се упатени кон покој на загинатите сограѓани. Нека почиваат во мир вашите сакани и нашите сограѓани. Изразувам искрено и длабоко сочувство за трагиниот настан од име на Владата и од мое име. Бог нека ги благослови – рече Заев.