Без решавање на сите билатерални спорови нема да има натамошно проширување во регионот на Западен Балкан, оцени постојаниот претставник на Словенија во НАТО и поранешен известувач за Србија и за Црна Гора во Европскиот парламент, Јелко Кацин.
Според него, „одлуката на Република Северна Македонија за промена на името е резултат на историски политички договор“.
– Тоа е политички компромис, кој другите држави во регионот, кои се уште не ги решиле своите билатерални проблеми со соседите настанати по распадот на поранешна Југославија, треба внимателно да го проучат – истакна Кацин за Јуропиан Вестерн Балкан (EWB).
Кацин, кој беше министер за одбрана на Словенија од 1994 до 1997 година и пратеник во словенечкиот Парламент, рече дека „Словенија ќе го ратификува пристапниот протокол со Северна Македонија“, потсетувајќи дека словенечката Влада минатата седница го одобри нацрт-законот за ратификација.