Трудницата е добро, но под лекарски надзор на Гинекологија

522

Трудницата, која е една од 39 -те повредени во тешката сообраќајка, е во добра здравствена состојба, како и плодот, а за неа од изутрина се грижат гинеколозите и сестрите на Клиниката за гинекологија и акушерство, каде е префрлена од КАРИЛ.

Оваа 30-годишна пациентка е во петтиот месец од бременоста и се опоравува од првичниот шок кој го преживеа во автобуската несреќа вчера попладне, патувајќи кон Гостивар. Таа е еден од ретките патници кои имаа голема среќа да поминат без  посериозни повреди во несреќата која однесе 14 животи, а во која многумина се здобија со потешки или полесни повреди.

– Пациентката е во добра, стабилна состојба, како и плодот, и таа, за среќа, нема посериозни повреди. Ова е нејзина втора, уредно следена бременост. Откако е префрлена кај нас на одделот, ѝ ги направивме неопходните анализи кои покажаа уреден раст и развој на плодот, кој одговара на гестациската недела. Трудницата се чувствува добро, но сѐ уште е делумно потресена од несреќата.Таа останува кај нас на Клиниката и ќе биде под мониторинг – ни изјави д-р Адела Поп Стефанија, гинеколог и раководителка на одделот за патолошка бременост на оваа клиника.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...