Лекот за епидемијата од непотизам е најден – сите роднини марш надвор!

Манчевски е апаратчик, а Заев е политичар и добро знае каква политичка цена ќе плати за оваа забеганост. И ја знае старата мудрост, која вели дека кога ќе влезете во извалкан нужник, прво пуштате вода, а дури потоа расправате кој е во право или криво и кој е невин или виновен.

3696

Иако прилично задоцнета, реакцијата на премиерот Зоран Заев на епидемијата на непотизам и партиски вработувања е очекувана. Барем за мене. Според изненадениот и очигледно „увреѓен“ министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, премиерот Зоран Заев лично одлучил да побара од сите роднини на функционери на СДСМ, кои во изминатиов период биле вработени во државни институции и компании, да се повлечат од местата. Лично, ами како!

Манчевски е апаратчик, а Заев е политичар и добро знае каква политичка цена ќе плати за оваа забеганост. И ја знае старата мудрост, која вели дека кога ќе влезете во извалкан нужник, прво пуштате вода, а дури потоа расправате кој е во право или криво и кој е невин или виновен. Сите натамошни „објаснувања“ и обиди да се оправда нешто што не може да се оправда, би значеле само натамошно тонење во жив песок.

Заев го избра единствениот начин да го реши проблемот. Единствениот лек – сите роднини марш надвор! Останува уште да побараме отчетност и во скоро време и детален извештај за тоа кои роднини на функционерите на СДСМ ги напуштиле местата „на државно“. Да не остане работава на празни зборови.

Манчевски, за жал, се посрамоти во својот обид да го амортизира гневот на граѓаните, објаснувајќи им дека институциите имале реална потреба од повеќе кадар и дека имало притисок од членови на СДСМ, кои очекувале да бидат вработени во државни институции, а „некои успеале“. Младиот министер пак манипулира, бидејќи пратеници и раководни фунцкионери во СДСМ не се „некои членови“, туку луѓе од естаблишментот. А такви беа фатени „живи“. Како членката со прекар Мира Дизел, на пример.

Почитуваниот Темелко Ристески се обиде правно да го протолкува проблемот и во своја колумна го напиша следново: „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9, став 2). Бидејќи се еднакви, не смееме да им забрануваме на оние што имаат во власта високо позиционирани роднини да се вработуваат во нејзините органи и во јавните претпријатија. И тие смеат да се вработуваат, но со строго придржување на принципите на стручност, компетентност и социјална правичност. Никако поинаку“.

Како и најчесто, толкувањето на Ристески на Уставот е неспорно. Но… За тоа имено не се разбравме кога се расправавме со баџанакот на Талат Џафери, чиј избор во Антикорупциската комисија неспорно бил со доследно почитување на законската постапка. Арно ама, покрај пишаните, постојат и непишани закони, цврсти морални норми на поведение, кои некогаш умеат да бидат и посилни. Според тие норми, епидемијата на партиски вработувања и вработувања со роднински врски, во јавни институции и во државни компании, се смета за неморално поведение. И тоа не е ништо ново, отсекогаш било така.

Дали ние, граѓаните, а посебно нас што Ристески нѐ нарекува „радикални“ (ако, мене не ми пречи), можеме да ги забраниме ваквите вработувања? Чувај боже! Ние не одлучуваме, немаме законско право на тоа. Но, Уставот и законите велат дека ние имаме едно друго важно право – имено, право слободно и тајно да гласаме на избори. А јас ви велам дека на првите следни избори, какви и да се, многу луѓе нема да гласаат за власт што предизвикува ваква епидемија на непотизам и ваква компромитација на институциите.

Но, не мора да ми верувате мене. Верувајте му на Заев. Тој знае што го чека ако не пресече веднаш. И затоа Гордиевиот јазол решил да го „отплетка“ на единствениот можен начин – со меч. Шуќур!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...