Гутереш ја поздрави „Република Северна Македонија“

166
Photo: EPA / JUSTIN LANE

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го поздрави стапувањето во сила на Договорот од Преспа со кој се реши долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина.

Гутереш го доби официјалното известување за промена на името на земјава во Република Северна Македонија.

Македонија и Грција доставија заедничко писмо до генералниот секретар на ОН Гутереш, со кое го информираат за датумот на влегување во сила на Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.

– Гутереш во вторник го доби официјалното известување за стапување во сила на Договорот од Преспа, со кој меѓу друготот е договорено новото име Република Северна Македонија, прифатено од двете страни – изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дујариќ.

Тој напомена оти Гутереш го поздравува овој развој на настаните, со кој се решава долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина и кој покажува дека дури и најчувствителните прашања можат да се решат со дијалог и политичка волја.

Генералниот секретар на ОН им честитал на двете земји и на премирите Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната одлучност во креирање за нивната визија за унапредување на односите меѓу двете земји, но и за стабилизирање на регионот на Балканот.

Гутереш изразил благодарност до медијаторот Метју Нимиц, за неговата посветеност во текот на преговорите.

Првиот човек на ОН ги повика земјите-членки, регионалните организации и сите меѓународни партнери да ги поддржат историските чекори кои ги презедоа двете земји со решавањето на спорот.

Photo: EPA / JUSTIN LANE

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...