„Протекуваат детали за страшната несреќа во која загинаа најмалку 14 лица“, „При превртување на автобус во Македонија 14 мртви: Уште четири лица се борат за живот“, „Објавена причината за трагедијата во Македонија“, „Стравична несреќа во Македонија“, се само некои од насловите во печатените и електронските изданија на српските, хрватските и босанските медиуми.
– Многу е болно кога гледаш како човек на твои години се збогува од овој свет, барајќи помош: Потресни сведочења од автобусот на смртта кај Тетово“ – пишува Телеграф.рс.
„Б92“, пренесувајќи ја МИА, јавува дека македонската Влада прогласи дводневна жалост поради тешката сообраќајка на патот Скопје – Тетово во која загинаа 14 лица.
Српски „Новости“ се повикува на локалните медиуми и пишува дека „до несреќата дошло откако на автобусот му пукнала гума поради што возачот изгубил контрола и преминал на спротивната страна од патот, пробивајќи ја заштитната ограда, по што се превртел во провалија“.
„На патот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак се преврте автобус со вкупно 51 патник од кои 14 го загубија животот. Имињата на жртвите се уште не се објавени зашто е во тек нивната идентификација на Институтот за форензичка медицина“, наведува „Вечерњи лист“.
Под насловот „Крвав биланс на страшната трагедија во Македонија“, „Слободна Босна“ пишува дека во несреќата се повредени преку 30 лица, а пет се во критична состојба.
„Очевидец на несреќата во Македонија: Смрдеше на нафта, се слушаше плачење, беше страшно“, е написот што го објави „Индекс.хр“ во кој стои дека, според сведочењето на присутните, местото на несреќата било стравично, а се до доаѓањето на итните служби, на повредените им помагало локалното население.