Првиот министерски состанок на НАТО оваа година и прв состанок во присуство на Македонија како поканета земја и идна триесетта членка на Алијансата, продолжува утрово. На агендата се воените мисии и соработката меѓу НАТО и ЕУ.
Министрите за одбрана на НАТО вчера одржаа две сесии на Северноатлантскиот Совет, на кој главни теми на разговор беа нуклеарниот договор за ракети со среден дострел, или ИНФ, од кој САД најави дека ќе се повлече за шест месеци поради тоа што Русија со години го прекршува и развива забрането оружје.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по вчерашниот состанок, ја повика уште еднаш Русија да престане да го прекршува овој договор и да се усогласи со одредбите од ИНФ. Тој додаде дека, доколку биде потребно, НАТО ќе одговори на руските закани на „умерен, одбранбен и координиран начин“, но предупреди дека Русија ја става во опасност безбедноста на европскиот континент и дека сојузничките „се подготвуваат за свет без ИНФ“.
Сојузничките вчера разговараа и за „споделувањето на товарот“, односно зголемувањето на буџетот на одбрана, кое во секоја земја треба да достигне два отсто од БДП до 2024 година.
Македонија, како и сите други земји членки, даде ветување дека до 2024 ќе ја постигне оваа стапка, по повеќе години намалување на трошоците за одбраната.
Радмила Шеќеринска, која ја застапува Македонија за првпат на масата на НАТО како идна членка, а не земја партнер, за МИА вчера објасни дека планот на Владата е да има секоја година раст од 0,2 отсто од БДП и дека од 2017 се исполнува ветувањето дадено до земјите сојузнички.
Освен финанскиот придонес, од земјите членки се очекува да учествуваат и во мисиите на Алијансата и преку градење и зголемување на капацитетите во одбраната.
Македонија оваа година ќе го зголеми своето присуство во Авганистан, најави министерската, а кај припадниците на АРМ има интерес и за учество во мисијата во Ирак како и во мисии под покровителство на ЕУ со Франција.
Зачленувањето на Македонија во Алијансата сега поминува низ техничкиот процес на ратификација, кој се очекува да трае околу една година и полноправното членство да се случи некаде до пролетта 2020.
За тој период Македонија треба уште да работи на реформите, пред сѐ од областа на владеењето на правото, разузнавачките служби и, секако, одбраната. Македонија треба и да постигне соодветен капацитет за управување и размена на чувствителни разузнавачки и безбедносни информации.
Министерката Шеќеринска за МИА порача дека Македонија е свесна дека и претстои уште напорна реформска работа до полноправното зачленување, но потсети дека НАТО сега на земјата гледа на многу поинаков начин.
– Видете, првиот ден штом можеше Словенија го ратификуваше Протоколот, а најавите се дека Албанија утре ќе ратификува. Денеска бугарскиот колега ми кажа дека тие веќе го пуштиле во процедура и очекуваат ратификација следната недела. Во Романија исто така се очекува следната недела – рече вчера Шеќеринска во интервју за МИА.
Ниту министерката, ниту во седиштето на НАТО, не очекуваат пречки од политичка природа во текот на процесот на ратификација.
Сепак, велат дипломатите во НАТО, колку поревносно и побрзо се реализираат бараните реформи, толку поголеми се шансите да се убедат земјите членки на Алијансата да го забрзаат процесот.