Уставот и вработувањата во јавниот сектор

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9, став 2). Бидејќи се еднакви, не смееме да им забрануваме на оние што имаат во власта високо позиционирани роднини да се вработуваат во нејзините органи и во јавните претпријатија. И тие смеат да се вработуваат, но со строго придржување на принципите на стручност, компетентност и социјална правичност. Никако поинаку.

1102

Во обраќањето пред јавноста по повод поставувањето на знамето на НАТО пред Владата на Републикава, премиерот Заев, покрај другото, рече дека нашиот правен систем мора да дели правда еднакво за секого, без оглед на етничкото потекло, финансискиот статус или политичката припадност; дека во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии и дека секој мора да ги следи правилата.

Без резервно и одлучно го подржувам премиерот во неговите заложби за правда еднаква за сите со примена на правниот систем на Републикава. Уставот е највисокиот правен акт во нејзиниот правен систем. Еве што кажуваат неговите одредби во врска со правдата еднаква за сите при вработувањето, а посебно при вработувањето во органите и институциите на јавниот сектор.

Одредбата на член 32, став 2 вели: „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“. Нагласувам: Секому и под еднакви услови. Тука нема место ни за крвно сродство, ни за сродство по сватовство, ни за сродство по права линија, ни за сродство по странична линија; нема место ни за пријателство ни за кумство. Сите пред Уставот се еднакви независно од националното и социјалното потекло, од политичкото уверување од имотната и општествената положба и т.н. (член 9, став 1).

Во член 23 Уставот вели: „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции“. А јавни функции во секоја држава, па и во нашава, на централно и локално ниво, вршат органите на власта.

Одиме сега на одредбата на член 58, став 2. Таа гласи: „Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со Закон и врз принципите на стручност и компетентност“. Пак потенцирам: Стручност и компетентност, а не сродство и пријателство. Некој ќе праша „А што ако во конкуренција се најдат двајца подеднакво стручни и компетентни кандидати за вработување“. Е тогаш доаѓа на ред принципот на социјална правичност, и тоа пак низ призмата на Уставот. Ние имаме добар Устав. Штета е што не го почитуваме. Овој наш добар Устав во член 1, став 1, покрај другото, вели дека Републикава е социјална држава. Бидејќи таа е социјална држава, во ваков случај, предност ќе му дадеме на оној што е социјално позагрозен, посиромав, чии примања по член на семејството се пониски. Тоа драги пријатели се единствени уставни, а се разбира и правични критериуми за одредување на приоритет при вработувањето.

За крај неколку реченици за оние радикалните, според кои секој од нас смртниците што има роднина на висока позиција во власта: собраниски спикер, пратеник, министер, заменик министер и кој уште не, не смее да се вработи во органите на власта и во јавните претпријатија и установи. Тоа не е во ред драги пријатели.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9, став 2). Бидејќи се еднакви, не смееме да им забрануваме на оние што имаат во власта високо позиционирани роднини да се вработуваат во нејзините органи и во јавните претпријатија. И тие смеат да се вработуваат, но со строго придржување на принципите на стручност, компетентност и социјална правичност. Никако поинаку.

Така е драги пријатели според словото на Уставот. А сега уште еднаш ве повикувам да го подржиме премиерот во борбата против оние припадници на органите и институциите на власта кои со своето работење ја изневеруваат довербата на нас граѓаните за лични интереси и привилегии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...