Шекеринска во НАТО ќе седи помеѓу Столтенберг и секретарот за одбрана на САД

По состанокот со генералниот секретар, Шекеринска ќе учествува на состанокот на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО. На овој состанок местото за министерката е меѓу првиот човек на НАТО, Столтенберг и секретарот за одбрана на САД.

704

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел, пред официјалниот министерски состанок на НАТО на ниво на министри за одбрана, се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Пред средбата таа изрази благодарност до Столтенберг за искрената поддршка и личното залагање во процесот на пристапување на нашата земја во НАТО.

– Чест ми е и привилегија за мене и за мојата земја да бидам тука, за првпат на НАТО министерскиот состанок. Тоа е доказ дека политичката храброст се исплати, дека промените се можни дури и на Балканот, дури и во времиња како овие. Тоа е и доказ дека не постојат смрзнати проблеми, туку единствено смрзнати решенија. Ќе ми биде привилегија да седам веднаш покрај вас, и покрај останатите колеги министри за одбрана – рече Шекеринска.

Генералниот секретар на НАТО, пак, истакна дека му е голема чест што Шекеринска денеска ќе учествува на министерскиот состанок во НАТО.

– Ова е голем момент за сите нас. Ние навистина го цениме прогресот кој го направивте, и без вашата лична посветеност, посветеноста на вашето лидерство и на вашата влада ние немаше да бидеме во можност да ве имаме тука, односно да ве поканиме на овој министерски состанок. Ова е еден голем ден и со нетрпение го очекувам денот кога ќе бидете наш полноправен член, штом заврши процесот на ратификација на пристапниот протокол кај сите 29 сојузници – рече Столтенберг.

По состанокот со генералниот секретар, Шекеринска ќе учествува на состанокот на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО. На овој состанок местото за министерката е меѓу првиот човек на НАТО, Столтенберг и секретарот за одбрана на САД.

– Македонија по три децении битка за свое место во Алијансата, успева да седне на иста маса со сите членки, сојузници на Алијансата и ова е ден за гордост, не само за мене како прв министер за одбрана кој ќе ја има таа чест, туку и гордост за сите граѓани на нашата земја – порача министерката.

Во текот на денешниот ден, министерката се сретна со бугарскиот министер за одбрана, а ќе се сретне и со грчкиот, со турскиот, со белгискиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...