Скопското Обвинителство поднесе обвинителен предлог против четири лица, вработени како службени лица во Агенцијата за катастар на недвижности Скопје, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинетите, како што соопшти Јавното обвинителство, со искористување на својата службена положба и овластување и спротивно на одредбите од Законот за катастар на недвижности, склучиле договори за извршување консултантски услуги со Републичкиот геодетски завод Србија.
“Договорите биле склучени на ист датум во декември 2016 година, во рамките на Проект за управување со недвижности, а врз основа на нив на обвинетите им биле исплаќани средства во текот на повеќе месеци во 2017 година. На овој начин, секој од обвинетите, во зависност од својот ангажман, за себе прибавил противправна имотна корист од поголема вредност – односно 1.000.541 денари, 763.031 денари, 753.072 денари и 930.378 денари“, се наведува во соопштението.