И по 40 деца и тоа само во една смена од вчера се вакцинираат против морбили во скопските поликлиники, а, како што тврдат лекарите, многубројни се и оние кои иако имаат по 4 или 5 години, сега првпат доаѓаат да примат заштита против морбили, рубеола и заушки.
Најмалото бебе кое вчера добило МРП вакцина во вакциналниот пункт во скопската поликлиника „Јане Сандански“ има девет месеци. Две докторки и медицински сестри таму, речиси без пауза, вчера попладне и денеска ги прегледуваат децата.
– Во голема гужва сме, имаме и по 40 деца за вакцинација против морбили, но тече и имунизацијата со другите вакцини, па еве денеска 6 деца примија од петовалентните, а седум деца добија од шествалетните, во склоп на редовната вакцинација. Денеска немаше бебиња, а вчера најмалите бебиња кои ги донесоа за МРП вакцина имаа по 9 и 10 месеци. А само во јануари кај нас во оваа поликлиника беа дадени илјада дози од МРП вакцината – вели д-р Даниела Марковска, специјалист по семејна медицина, односно по предучилишна превентива.
Во врска со тоа има ли родители кои досега биле категорично против вакцинација, а сега, среде епидемија на морбили, сепак решиле да го заштитат своето дете од заразата со овие сипаници и можните компликации, д-р Марковска потврдува:
– Факт е дека меѓу оние кои сега се одзиваат имаме и многу деца на 4 и 5 годишна возраст, на кои ова им е, замислете, прва вакцина, по оние 2 кои задолжително ги примиле во болница, веднаш по раѓањето. Родителите велат дека досега одбивале да ги вакцинираат.. Во општините со послаб опфат со вакцинација, се очекуваше повисока здравствена култура кај населението за свесноста од вакцинација. Гледаме какви компликации по здравјето, па за жал, и смртни случаи, може да предизвика ова заболување – вели д-р Марковска.
Лекарите нагласуваат дека и сега, не се вакцинираат сите деца кои доаѓаат во вакциналните пунктови во поликлиниките.
– Сигурно е дека не може секого да вакцинираме, иако е епидемија на морбили. Еве вчера вративме едно дете бидејќи имаше сомнително црвенило по кожата, како пуфки. Има и деца кои се со опструктивен бронхитис и тие не може да се вакцинираат. Пожелно е за детето, пред да прими вакцина, да има и резултат од крвна слика, а некои родители и ни го носат овој документ. Очекуваме турканиците за вакцинација со МРП да продолжат и во следните денови – додава д-р Марковска.