Вирусот јазичка дембелана

Конечно, има ли вакцина против тој смртоносен вирус јазичка дембелана? Јунакот од романот „Деветте круга на пеколот“ на Алексиев веројатно ќе ви рече: вам не ви треба челично „налче од цокул“ туку духовно. Вие го носите со себе и во себеси тоа „налче“, како што го носите и оној monstrе ennui на Бодлер. Ваше е да одберете: ќе бидете на страната на себеси или – против себеси!

927

Еден од големите симптоми на колективно духовно загадување е односот кон „јазикот наш насушен“ (Б. Корубин). На особен начин, тој однос е однос кон себеси истовремено: како единки, професионални групи и, на едно апстрактно рамниште, како – нација. Зошто? Затоа што јазикот е главна составка на тоа што се вика колективен идентитет. Кога се однесувате небрежно кон таа составка, кога (по навика?) оставате да ја носи и однесе матната тоа, во најмала рака, значи дека и сами сте се препуштиле на каприцот рамнодушност (indiferentia). А тој каприц е една апсолутна автонегација или – нихилизам!

Мошне убедливо, потресно и поучно зборува за тоа романот „Девтте круга на пеколот“ од писателот Ацо Алексиев. Еве, накусо, за што станува збор. Млад човек кој само што го минал прагот на зрелоста, во стек на несреќни околности, но и по заслуга на неговото пргаво и пркосно „ѓаволче во душата,“ одеднаш се нашол на страната „сталинисти“ во драматичната 1948 – Информбирото. Го апсат уште во првиот бран и така минува два месеца во тогашниот истражен на Кале, пред да го однесат на Голи Оток. Изгледа, токму тоа „ѓаволче во душата“ кое го фрла во железните канџи на политичката полиција сега ја организира неговата жилава самоодбрана. Таа му спасува живот. Како?

По првиот, краткотраен шок кој го фрла во очај, тој почнува да работи на себеси и со себеси. Работи тивко, упорно и методички. Видливата форма на таа работа е, на прв поглед, опсесивната и залудна грижа за себеси.

„Извадив едно налче од мојот цокул“, вели младиот заточеник.

„Со денови го острев и тоа стана мојот брич кој го користев катаден.“ Водата за пиење што ја добива со посниот оброк повеќе ја користи за миење отколку за пиење“.

Така тој се бори против разложувањето на душата („распад души“) за кое, во детали, зборува во својата двотомна „Вртоглавица“ Евгенија Гинзбург, мајка на рускиот модерен класик Василиј Аксјонов. Таа минала безмалу 20 пеколни години во Сталиновите сибирски фабрики на смртта. Преживува благодарение на грижата за себеси која станува вид оска чија гравитација ги држи на купче горните, периферни слоеви на душата, изложени на систематските, смртоносни удари од политичката полиција на Лаврентиј Берија.

Која е врската меѓу таа грижа за себеси во околности на тотална изолоција и грижата за јазикот во обични и катадневни? Врска е: по длабочина, грижата за себеси е грижа за јазикот и обратно. Не е сеедно дали човек крева раце од себеси, дали подлегнува на сили кои му кршат физички и психолошки ‘рбет или пак ги мобилизира своите физички и духовни сили во одбрана на својот живот потопен во јазикот и затоа јазик истовремено.

Што ме наведува на помисла дека некако му се препуштаме на еден мортификантен порив, а на штета на еден друг, виталистички?

Ќе се обидам да го покажам тоа со мал пример.

Во стек на околности почнав, одвреме навреме, да го следам главниот дневник на Бугарската национална телевизија. Еве што веднаш ми падна в очи по прашањето кое го засегам тука. Зборови како „транспарентност“, „бенефит“, „пик“, „ивент“, „профит“, „киднапирање“, „организиран криминал“ или неологизми како „финишница“ ретко (поточно никогаш!) нема да ги чуете од спикер на БНТ или пак од устата на новинар кој известува за настан „во живо“.

За нашите соседи неизбежната, учена „транспарентност“ е „прозрачност“, „бенефитот“ е „полза“, „пикот“ е „врх“, „ивентот“ е „настан“, „киднапирањето“ – „отвличане“, а пак „организираниот криминал“ е „прест’пна групировка“. Пречи ли нешто кај нас да подигнеме мала брана на брегот од излената река туѓинки?

Поубава ли е „транспарентноста“ од „проѕирноста“, „пикот“ од „врвот“, „ивентот“ од „настан“ итн? Пречат многу работи. Меѓу нив, по секоја веројатност, посебна е (ако не и главна!) улогата на смртоносниот вирус јазичка дембелана.

Со изразот јазичка дембелана младиот Конески означи појава кога лесно се подлегнува на јазичката стихија која се сведува на тоа со малку или ич вложен јазички труд да се дојде до голем ќар, сега би рекле – „профит“.

Добро, некој ќе рече: дали, во разговорниот јазик, ќе се задржи „транспарентноста“ или ќе биде заменета со „проѕирност“, за тоа решава судијата „колективна санкција“, едно ситно сито на времето низ кое минува стихијната јазичка маса. Ама, не треба да се заборави дека тоа сито се прави од говорни субјекти (овде и сега!) кои водат сметка за себеси и за својата посебност (идентитет) не помалку и по ист начин по кој водат сметка за посебноста (и нејзините можности) на јазик.

Кога ја спомнав веќе таа славна посебност, не ќе биде излишно да се потсети: и таа треба да се негува (грижа!), за да може да се развива и да се продлабочува. Негувањето, развивањето и продлабочувањето на посебноста (на единка, група и народ) е форма на самопочит без која нема почит кон друг и другиот. Ако се суди според децениската власт на една огорчена, пис-реторика на сочни пцости, злости и пакости која ни го отру јавниот говор (и живот!), таа самопочит е опасно разнишана. На добар пат да се изроди во страшниот „ѕвер самопрезир“, monstre ennui во лирскиот речник на Бодлер.

Конечно, има ли вакцина против тој смртоносен вирус јазичка дембелана? Јунакот од романот „Деветте круга на пеколот“ на Алексиев веројатно ќе ви рече: вам не ви треба челично „налче од цокул“ туку духовно. Вие го носите со себе и во себеси тоа „налче“, како што го носите и оној monstrе ennui на Бодлер. Ваше е да одберете: ќе бидете на страната на себеси или – против себеси!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...