Не благодарам, свети СЈО да е, ние нема да судиме наместо судијата!

Јавното обзнанување на детаљи од истрага, на брифинг а не во судница, за случај кој е во судска постапка, претставува флагрантна повреда на принципот на презумција на невиноста. Весникот „Слободен печат“ и порталот Плусинфо се сериозни и кредибилни медиуми и јас немам намера да дозволам тие да бидат инволвирани во ваква манипулација.

4976

Неколку луѓе денеска ме прашаа зошто порталот Плусинфо не објави извештај од брифингот што бил одржан во Специјалното јавно обвинителство, на кој на новинарите им биле соопштени детаљи за истрагата за случајот „Империја“, во кој главни осомничаени се Орце Камчев и Сашо Мијалков. Со оглед дека таков извештај не објавува и утрешното печатено издание на „Слободен печат“ (веб-изданието јас не го уредувам и од неодамна и формално немам никакви овластувања во поглед на неговата уредувачка политика), би сакал на прашањата да одговорам и јавно.

Првата причина е банална. Истражувачката репортерска лабораторија Македонија соопшти дека имало брифинг во СЈО. Очигледно е дека биле поканети избрани медиуми и новинари. Плусинфо и „Слободен печат“ не се меѓу избраните. А ние на свадба не одиме непоканети. Но, сакам да нагласам дека во случајов е многу добро што не сме биле поканети, бидејќи таков извештај ние не би објавиле во никој случај. Ова нѐ води до втората, суштинска причина зошто медиумите со кои раководам „со предумисла“ одбија да ја објават таа приказна, иако, како и многу други, беа во можност да го пренесат она што било изнесено на овој брифинг (разбрав дека дури тоа и се очекувало и се „подразбирало“).

Пред сѐ, јас прв пат слушам јавно обвинителство да организира брифинг за новинари и да им соопштува детаљи за истрага, во текот на судската постапка. Ако го прочитате долгиот извештај од тој брифинг – патем речено, од брифинг не се известува, ама тоа денес во новинарските школи изгледа не се учи – ќе сфатите дека на избраните новинари, всушност, им било поделено комплетното „досие“ со кое располага истрагата. Целта на јавното обзнанување на тој материјал е јасна: потребно е да се изврши влијание врз јавноста и да се анимира таа да им пресуди на обвинетите, пред тоа да го стори судечкиот судија.

Тоа за нас е неприфатливо. Без оглед кој обвинува, кој е обвинет и кој суди!

Јавното обзнанување на детаљите од истрагата за случај кој е во судска постапка претставува флагрантна повреда на принципот на презумција на невиноста. Весникот „Слободен печат“ и порталот Плусинфо се сериозни и кредибилни медиуми и јас немам намера да дозволам тие да бидат инволвирани во еден ваков обид за компромитација на судската постапка, заради покривање на евентуалните слабости на истрагата (кои би се компензирале со малку медиумска врева), или од било кои други причини, сеедно. Не го оспорувам однесувањето на колегите новинари, никому не сум му се јавил да го прашам зошто објавил ваква приказна (таман работа!), само ја објаснувам својата уредничка одлука.

Свесен сум дека тоа повторно ќе предизвика лавина од инсинуации и клевети дека јас лично имам нешто против СЈО, но тврдењата од таков тип однапред ги отфрлам со индигнација. И не ме интересира кој и како ги толкува моите „мотиви“. Во моето разбирање на правото и на правдата, медиумите и новинарите не се овластени да изведуваат докази и да им судат на обвинетите – тоа е работа за двете страни во постапката и за судечкиот судија, работа која се врши во судница и никаде на друго место.

Задача на одговорните новинари е да бидат присутни на судските рочишта и непристрасно да известуваат. Плусинфо тоа го прави редовно. И денеска нашиот известувач беше во судница, на рочиштето „Таргет – Тврдина“, па напиша и објави коректен извештај од настанот. Така ќе биде и во иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...