Владата донесе одлука за формирање на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците, соопшти Владата.
– Ова тело ќе има обврски да подготви Акциски план за спроведување на Законот за употреба на јазиците, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката, да ја следи динамиката на реализација и имплементација на Акцискиот план, да дава насоки на институциите во функција на координирање, организирање, имплементирање и операционализирање на мерките и активностите согласно тој план, стои во соопштението.
Членови на Меѓуресорската работна група согласно владината одлука се: генералниот секретар на Владата, заменикот на генералниот секретар на Владата, државните секретари во министерствата за правда, за финансии, како и државниот секретар во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, секретарот на Секретаријатот за законодавство, претставник од Канцеларијата на премиерот и претставник од Собранието.