Судскиот процес за масовното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“ на СЈО денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи со сведочење на Звонко Костовски, еден од двајцата свиркачи од МВР кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски ги открија „бомбите“.
Со диплома од електротехничкиот факултет, тој во МВР се вработил во 1993 година како инженер почетник, а по неколку унапредувања во 2001 година станал началник на сектор за развој и едукација на која позиција останал сѐ до промената на власта во 2006 кога бил деградиран за две места. Сепак, и со новото раководство во МВР и УБК тој дошол до две унапредувања, прво во 2008, а потоа и во 2012 кога станува началник на единица за оперативно-техничка поддршка на операции. Цело време директно или индиректно претпоставен му бил началникот на Петатта управа во УБК Горан Грујевски, кој е обвинет во предметот и заедно со уште еден обвинет, Никола Бошковски, избегаа и се наоѓаат во азил во Грција.
На позицијата на која дошол во 2012, Костовски останал до февруари 2015 кога беше уапсен како осомничен во предметот „Пуч“ кој го отвори обвинителството во времето на Марко Зврчевски кога Зоран Заев почна да ги објавува „бомбите“. Костовски тогаш се спогоди и доби затворска казна од три години, но кога предметот подоцна го презема СЈО, обвинението беше повлечено.
Покрај развојот на неговата кариера, свиркачот од МВР на почетокот на неговото денешно сведочење зборуваше за системите за прислушување. Од 1999-та МВР користело систем од фирмата „Конверс“, кој со текот на годините добил неколку надградби односно „апгрејди“, но како систем „Веринт“ – име во кое се ребрендирала „Конверс“.
„Веринт“ системот за следење на комуникациите се користел до почетокот на 2009-та. Во 2008 година, раскажа Костовски, МВР го набавило системот „Најс“ кој почнал да се користи во текот на истата година, а паралелно неколку месеци се користеле двата система додека „Најс“ не се ставил во целосна употреба.
Системите за прислушување, посочи Костовски, биле сместени во сала во зградата 3 во рамки на МВР. Одговарајќи на прашањата на обвинителите од СЈО, сведокот зборуваше и за тоа кој имал пристап во салата. Пред да се реновира во неа се влегувало само со еден клуч кој бил кај началник во УБК Небојша Стојковиќ, обвинет во предметот „Трезор“ на СЈО.
Откако салата била реновирана се влегувало со електронска картичка, а бројот на луѓе кои можеле да влезат таму бил ограничен и одреден од началникот на Петатта управа Горан Грујевски.
– Во систем салата никогаш немало вработен кој седи таму цело време. Се одеше по потреба – вели Костовски.
Според она што го објаснуваше Костовски во неговото денешно сведочење, во системите за следење на комуникациите се влегувало со кориснички имиња и лозинки, а секој од профилите имал одредени овластувања. Па така, имало на пример, профили за маркери – ги користеле лица кои ги внесувале телефонските броеви кои треба да се следат или како што тие ги нарекуваат „таргети“, а имало и профили за репродуцери односно оние кои можеле да ги обработуваат податоците односно да ги слушаат разговорите.
Зборувајќи за тоа кој имал профил на репродуцер односно кој можел да ги слуша прислушуваните разговори, Костовки кажа дека во „Најс“ системот тоа биле началници и директорот на УБК кои имале инсталирано компјутери во канцелариите, додека за стариот систем може да тврди само дека тоа го можел директорот, додека за началниците не е сигурен.
Во стариот систем „Веринт“ тој рече дека имало корисничко име „дир” кое асоцирало на директорот, како и кориснички имиња кои биле креирани со иницијали на оние кои ги користеле профилите . Во новиот систем, пак, раскажа тој, профилите за маркирање биле со кориснички имиња „админ 1″, „админ 2″ и „админ 3″, подоцна биле направени и други профили маркирачи, меѓу кои и со кориснички имиња: „марк 11“, „марк 12“ и „марк 13“.
Во новиот , пак, Костовски посочи дека повеќе не ги правеле корисничките имиња со иницијалите на оние кои ги користеле профилите туку така што на никаков начин да не може да се поврзат со имиња на тие кои го користат профилот.
Таргетите односно оние кои биле прислушувани со системите во УБК биле поделени на случаи: новинари, политички партии и бизнис заедница. Секој случај си имал свој псевдоним освен оние таргети кои се следат со судски наредби кои биде водени под имиња, како на пример, „судски наредби 2013″.
Внесувањето на одреден телефонски број односно таргет го правеле споменатите маркирачи, откако наредбата ќе ја добиеле на ливче.
– На маркирачот му се дава ливче со телефонскиот број, псевдоним и во кој случај треба да се смести, како и за тоа кој може да биде репродуцер за тој таргет односно кој ќе може да го слуша т.е. обработува следењето – објасни Костовски.
Барањата најчесто стигале од началничката Надица Николиќ, која е обвинета во случајот, или обвинетиот тогашен прв човек на Петатта управа, Горан Грујевски.
– Имаше ситуации кога началничката Надица Николиќ и началникот Горан Грујевски не се на работа и кога броеви што треба да се маркираат беа кажувани по телефон. Тоа беше најчесто после работно време. Истото тоа што треба да биде напишано на ливчето тој или таа го кажуваа по телефон на маркирачот. После одреден период Грујевски забрани да се кажува тоа по телефон во случај и нив некој да ги прислушува – раскажа Костовски.
Во неговото неколкучасовно сведочење, свиркачот посочи и оти откако бил исклучен „Веринт“ системот во 2009, Грујевски барал да се извадат хард дисковите за да се уништат.
– Откако беше исклучен стариот „Веринт” систем, началникот Горан Грујевски сметаше дека треба да се отстранат хард дисковите. Јас му кажав дека има судска постапка за набавката на тој систем уште од 2004 година. Тој престана да бара, но по неколку години повторно почна да го бара истото. Дури и ми рече: „Кажи му на човек задолжен за камерите да ги исклучи и донеси ги кај мене хард дисковите”. Јас му реков дека можеби уште се води судска постапка, а и дека за уништување треба да се формира комисија. Тој ми рече дека не е наше да мислиме и оти тоа е работа на правната служба и на министерот за внатрешни работи. Но, додека јас бев во МВР таа опрема за прислушување беше таму – раскажа Костовски.
Тој потоа појасни дека системот „Верин” всушност ги чувал сите активности кои се правеле во системот односно кој маркирач означил број за следење, кој од профилите на репродуцерите ги обработувал односно слушал разговорите итн.
Освен за „Веринт“ и „Најс“, сведокот кажа и оти се купил уште еден систем за следење на комуникациите во 2014, но додека тој бил на работа во УБК, системот не се ставил во употреба.
Костовски е само вториот сведок на СЈО во предметот „Таргет-Тврдина“, прв беше другиот свиркач Ѓорѓи Лазаревски чие сведочење траеше неколку судски рочишта.
На обвинителна клупа во овој судски предмет се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку системите за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.