Братот на пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ почнал да работи вчера во РЕК Битола, речиси во исто време кога и нејзиниот син Виктор Стојчевски го сефтоса своето вработување во ЕЛЕМ.
Во битолскиот комбинат за Плусинфо велат дека станува збор за привремено вработување.
– Лицето Целе Велевски, кого дел од медиумите го доведуваат во врска со Мира Стојчевска, пратеничка во Собранието на Република Македонија работи во РЕК Битола од 11 февруари 2019 година преку Агенијата за привремени вработувања – вели Методија Куновски, портпарол на РЕК Битола за Плусинфо.
Велевски привремено ќе биде вработен до 27 април годинава, објаснуваат од РЕК Битола.
Пратеничката Стојчевска по реакциите во јавноста изјави дека немала никакво влијание при вработувањето на нејзиниот син во ЕЛЕМ, зошто за тоа дознала откако тој се пријавил на огласот на компанијата.
Непотизмот во последните вработувања вчера го критикуваше портпаролот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ Димче Арсовски,, кој всушност и го обелодени случајот во јавноста.
Арсовски денеска реагираше и за вработувањето на братот на пратеничката Стојчевска.
Тој забележа дека е премногу симптоматично сите блиски роднини на функционерите од власта токму сега по распишување на претседателските избори да добијат шанса за вработувања и тоа баш во институциите и претпријатијата каде што платите се поголеми од 500 евра, просечната плата што ја ветуваше Зоран Заев пред изборите.