Во шпанскиот Врховен суд во Мадрид денеска почнува најчувствителниот судски процес во последните неколку децении, во кој им се суди на вкупно 12 каталонски сепаратисти. Тие се соочуваат со разни обвиненија, вклучително и за бунт за време на неуспешниот обид за отцепување кон крајот на 2017 година.
Претседателот на Врховниот суд, Карлос Лесмес судењето на сепаратистите го оцени како најважен процес откако во Шпанија е воведена демократијата во 1977 година, по смртта на диктаторот, генерал Франсиско Франко.
Каталонските сепаратисти пред почетокот на судскиот процес го обвинија шпанскиот Врховен суд дека е марионета на шпанската Влада и оти пресудата однапред е донесена и истата ќе биде политичка.
На судењето повикани се повеќе од 500 сведоци, меѓу кои и поранешниот шпански премиер Маријано Рахој, потоа претставници на шпанската Влада и покраинската администрација, како и претставници на полицијата и обични граѓани.
Адвокатите на обвинетите предложија судењето да го следат меѓународни набљудувачи, но судот во Мадрид одби со образложение дека процесот ќе биде пренесуван во живо на телевизија и на интернет.
Одржливост на обвиненијата
Судењето почнува во време кога шпанскиот премиер Педро Санчез се обидува да го „протурка“ буџетот во Парламентот, за што неопходна му е поддршка од партиите на каталонските сепаратисти. Со оглед на тоа што европските држави внимателно ќе го следат судењето, Санчез минатата недела ги посети Европскиот совет, како и Европскиот суд за човекови права, бидејќи целиот случај на крај би можел да се најде пред Судот во Стразбур.
Каталонските сепаратисти се обвинети и за поттикнување на бунт, што не подразбира насилство, како и за непослушност и злоупотреба на јавните фондови.
Одржливоста на обвинението за бунт зависи од тоа дали обвинителот ќе може да докаже дека сепаратистите биле насилни при обидот за сецесија.
Шпанското државно обвинителство бара затворска казна од 25 години за поранешниот потпретседател на каталонската Влада, Ориол Жункерас, кој со другите обвинети во петокот беше донесен од притвор во Каталонија во Мадрид. Меѓу другуте обвинети се и осум поранешни министри на каталонската Влада – Раул Ромева, Жозе Карлес Мундо, Санти Вила и Мериџел Борас. Обвинети се и поранешната претседателка на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и двајца лидери на невладини организации Жорди Санчез и Жорди Куижарт.
Тие се обвинети за бунт против Шпанија, како и за злоупотреба на јавните фондови за организирање на референдумот, кој беше забранет од стрната на шпанскиот Уставен суд.
– Ќе им се суди на чесни луѓе бидејќи сакаа да го дадат гласот за народот на Каталонија. Проблемот на каталонските демократи е проблем на европските демократи, изјави претседателот на каталонската Влада, Ким Тора.
Тој побара од Европската унија да интервенира за ослободување на политичките затвореници, а исто така побара и од шпанската социјалистичка Влада да го признае правото на самоопределување на народот.
Додека, шпанската министерка за образование и портпаролка на Владата Изабел Села наведе дека обвинетите ќе имаат праведно судење
– Судењето ќе биде пренесувано на телевизија и ќе биде видливо, посочи Села.
Втор незаконски референдум
Во рок од три години во Каталонија организирани се два референдума, на кои граѓаните требаше да се изјаснат за независност на покраината од Шпанија. Но и двата референдума се прогласени за незаконски од страна на Уставниот суд на Шпанија.
Првиот така наречен симболичен реферндум беше спроведен во ноември 2014 година. Каталонската влада на 1 октомври 2017 година организираше референдум за независност, спротивно на одлуката на шпанскиот Уставен суд. Врз основа на резултатите од референдумот, во Парламентот беше прогласена република Каталонија. Независноста не заживеа бидејќи Мадрид презеде директна контрола над покраината со 7,5 милиони луѓе.
Приврзаниците на независна Каталонија со месеци бараат поддршка од Европска Унија тврдејќи дека „Шпанија држи политички затвореници на кои им се суди бидејќи им овозможија на граѓаните да го изразат своето мислење“.
Потпретседателот на Европска Комисија, Франс Тимерманс минатата недела изјави дека Шпанија е демократска земја во која се почитуваат човековите права и нема дискриминација. Тој исто така наведе дека мора да се почитува Уставот.
Се очекува судењето да трае најмалку три месеци, а одлуката ќе биде донесена, исто така по неколку месеци.