Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли, по повод завршувањето на неговиот мандат.
– САД не се само стратегиски партнер на Република Македонија, туку и најважен пријател, со чие присуство и активно учество се остварени најважните успеси на земјава од нејзината независност, истакна Османи на средбата, упатувајќи лична благодарност до амбасадорот Бејли за неговиот личен ангажман, заложба и поддршка за земјава.
– Со вашите активности оставивте неизбришлива трага, не само во нашиот успех да ја оствариме нашата стратешка определба – членството во НАТО, туку и неизбришлива трага во имплементирањето на западните вредности на Балканот, на чии основи е изграден и денешниот успех во напредокот на целиот регион, рече вицепремиерот.
За време на средбата, Османи реферираше и за неодамнешната посета на САД, каде оствари средби со високи претставници на американскиот Конгрес, меѓу кои и со Претседавачот на Комитетот за надворешна политика, Елиот Ејнџел, како и со високите претставници на Белата куќа, меѓу кои и со Помошникот заменик Државен Секретар, Метју Палмер.