„Јане Ченто крвнички претепан во затворот Шутка!“. Вака гласеше веста што на 18 јануари годинава бомбастично одекна во македонскиот медиумски простор.
Опозициските медиуми со „курирска“ уредувачка политика поитаа од веста да направат скандал, пласирајки вистински тиради за „маченикот“, „херојот“, „патриотот“, „јунакот“ Јане Ченто, со истовремена жестока осуда на раководството на затворот. Сепак најголемиот удар беше директно насочен кон главниот командир на затворот Жарко Милошевиќ, кој беше подложен на невидена жестока и вулгарна сатанизација, проследена со директни закани кон него лично, а не беше поштедено ниту неговото семејство!
Официјалниот одговор од затворот за инцидентот што се случил во притворот, по вина на Јане Ченто (поседување на мобилен телефон и непочитување на наредбите на командирите се потешки дисциплински прекршоци), не ја запреа монструозната хајка на социјалните мрежи против раководството и спомнатиот командир, веројатно иницирана и водена од еден центар.
За оние кои ја имаа таа „среќа“ да го поминат „Универзитетот во Шутка“, уште од самиот почеток кога беше лансирана веста беше јасно дека се работи за ординарна лага, во чија позадина јасно се оцртуваа два мотиви: „мачеништвото на патриотот Ченто“ и нечии загрозени интереси, со прекинување на синџирот на трговија со мобилни апарати во притворот, токму поради „преголемата ревносност“ во попречување на таквата нелегална активност токму од посочениот командир!
И конечно, на 7 февруари, после цели три недели хајка, Јане Ченто, преку неговата сестра, јавно му се извини на најмногу посочуваниот командир Милошевиќ. Доблесно од Ченто, иако поприлично задоцнето. Три недели јавно черечење по медиумите, психолошка тортура и отворени закани кон него и семејството не е нималку пријатно и наивно. Извинувањето, колку и да е искрено, тешко може да го компензира доживеаното.
Медиумите кои најмногу предничеа во неговата сатанизација ја премолчија веста за извинувањето!
Срамно!
(ФБ статус на авторот)