Армија партиски паразити чека да се скраси во елем-мелем државни дувла!

Нема да ги нахраните сите усти гладни за клати-врата-земај-плата. Задоволувајќи еден „заслужен“, создавате сто непријатели. Гневот и незадоволството се шират како епидемија. Зарем не го гледате тоа, другарки и другари?

5403

Додека Дамјан Манчевски од говорница се обидуваше да ги оправда партиските вработувања, непотизмот и очигледната корупција на таа основа, додека партиските апологети во скромната интелектуална ергела на СДСМ смислуваа тези, антитези, игри на зборови и други вербални шашми за да ја оправдаат оваа дрскост и ароганција, стаса веста, а набрзо и потврдата, дека уште една пратеничка на СДСМ (позната под прекарот „Мира дизел“) си го вработила синот во ЕЛЕМ.

Па што?! Син не е роднина, нели…

Ова навистина крај нема. Ако некој не ги запре – а не гледам кој е способен и желен за такво нешто – овие од власта навистина се со намера да ги вдомат сите свои деца на буџетски јасли и така да им направат лоша услуга, за цел живот да ги обележат како неграмотни, неспособни и неамбициозни имбецили. Голем грев е тоа кон тие деца, меѓу кои сигурно има прекрасни момчиња и девојки, што би можеле да работат чесно и да заработуваат уште почесно.

И токму помислив дека барем за овој ден се доволно егзалтации и разочарувања, читам на Фејсбук, се огласила мојата драга пријателка Нора Шаќири Марковиќ. Многу чуден пост напишала Нора на Фејсбук. Цитирам:

„Не капирам и ако може некој да ми објасни како тоа зборувате за сѐ дека е партизирано, а прифаќате разно-разни местенца по комисии, по управни одбори, по вакви-онакви тела, по ваму по таму, каде што првите луѓе се партиски поставени и од истите ви доаѓа поканата, а подоцна и назначувањето… Вие би да се мувате ваму-таму, да буфнете некое денарче плус у џебче и нема везе што сте поставени од партиски човек, важно да се департизираат институциите… Ова вашево мување е непартиско, а сѐ друго е партиско. М?“

Интересно. И јас нешто не капирам. Кому се обраќа мојата пријателка? Кои се тие што се муваат по комисии и по одбори, а сепак не се задоволни и обвинуваат дека се партизирани институциите? Сака ли Нора да ни каже дека меѓу „дискриминираните“ сдсмовци за кои ломотеше Дамјан Манчевски, меѓу партиските кадри кои не можеле да се иселат во друга држава па мора да ги храни оваа, сѐ уште има еден значаен контингент незадоволни, такви што чекаат и тие да бидат вдомени во елем-мелем државни дувла?

Мене ми се чини дека Нора критикува од таа позиција, им се обраќа на „нашите“, односно на „своите“. Простете, ама јас како „мои“ не можам да ги прифатам оние бедни паразити и нивните доброчинители во власта.

Ако е така, другарки и другари, вие веќе газите во жив песок. Дури не е предоцна, ќе ви кажам нешто, а вие да си го препишете и да си го запишете, да ви стои на видно место во канцелариите:

Овој народ ќе ви ги прости двојазичноста, договорот со Бугарија, договорот со Грција, менувањето на името и на Уставот. Она што нема да ви го прости е вашиот безобразлук. Вашата себичност нема да биде простена. Од себични причини, нормално. Нема да ги нахраните сите усти гладни за клати-врата-земај-плата. Задоволувајќи еден „заслужен“, создавате сто непријатели. Гневот и незадоволството се шират како епидемија.

Зарем не го гледате тоа?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...